„Што е кариера и зошто е важна за мене?“ – Кариерно советување за жени во социјален ризик

Кариерата игра важна улога во нашето секојдневно живеење и претставува предуслов за успешен и исполнет живот. Кариерата не е само работата која ја вршиме кога сме вработени, таа опфаќа повеќе работи во текот на животот, нашето образование, нашата улога во општеството, во семејството, како и користењето на слободното време.

Со важноста за кариерата, кариерното планирање и развој ја започнавме првата сесија „Што е кариера и зошто е важна за мене?“ од Обуката за кариерни советнички (кариерни ангели) помеѓу маргинализирани жени во Северна Македонија, која се одржа вчера на 15.02.2024 во соработка со АСК –  Асоцијацијата на советници за развој на кариера, во просториите на ГРЦ- Граѓански ресурсен центар. Осум учеснички, претставнички на маргинализирани заедници ја започнаа својата обука за кариерно советување и можноста да станат компетитивни на пазарот на трудот.

Значаен предизвик на пазарот на трудот во Северна Македонија е вклучувањето на маргинализираните женски заедници поради повеќеслојната и вкрстена стигма и дискриминација со која се соочуваат овие жени на дневна основа. Дополнително, маргинализацијата игра клучна улога во ризикот од сиромаштија. Ова е видливо преку ниските стапки на вработеност на маргинализираните жени во нашата земја, како и со предизвиците со кои овие жени се соочуваат во пристапот до пазарот на трудот.

Во текот на обуките нашите осум  кариерни ангели ќе имаат можност да ги спознаат своите вештини поврзани со процесот на кариерно планирање и надоградување и да научат повеќе за својата улога како можат да допринесат во своите заедници и за другите маргинализирани жени во социјален ризик со цел континуирана интеграција на пазарот на трудот на овие жени.

Обуката за кариерни советнички (кариерни ангели) помеѓу маргинализираните жени во Северна Македoнија ја спроведуваме во рамки на проектот Кариерни ангели – Иновативен модел за развој на кариера наменет за жени во социјален ризик.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Tags: ,