Реализирана обука за јакнење на капацитетите на самоидентификуваните сексуални работници/чки за препознавање, пријавување и одговор на сексуално насилство и трговија со луѓе

Во периодот од 17 до 19 јуни 2026 година, во Охрид, СТАР-СТАР Скопје реализираше дводневна обука за јакнење на капацитетите на самоидентификуваните сексуални работници/чки за препознавање, пријавување и одговор на сексуално насилство и трговија со луѓе, наменета за членови на нашата заедница.

Во текот на обуката разговаравме за различните форми на сексуално насилство, ризичните ситуации со кои може да се соочиме во контекст на сексуалната работа, како и за начините на нивно препознавање и безбедно реагирање. Посебно внимание посветивме на разликувањето помеѓу доброволната сексуална работа и трговијата со луѓе, препознавањето на индикаторите за трговија со луѓе и механизмите за заштита кои ни стојат на располагање.

Преку интерактивни сесии, дискусии и анализа на практични ситуации, ги зајакнавме нашите знаења и вештини за препознавање на предупредувачките знаци на насилство, проценка на ризици, лична и колективна самозаштита, како и за користење на достапните ресурси и механизми за упатување и поддршка.

Значаен дел од обуката беше посветен и на градењето и зајакнувањето на врсничката поддршка во заедницата. Разговаравме за тоа како можеме подобро да се поддржуваме меѓусебно, да споделуваме информации за ризици и да придонесеме кон создавање побезбедна средина за сексуалните работници/чки.

Како колектив на сексуални работници, веруваме дека информираноста, солидарноста и меѓусебната поддршка се едни од најважните алатки во спречувањето на насилството и експлоатацијата. Затоа ќе продолжиме да создаваме простори за учење, размена на искуства и јакнење на капацитетите на нашата заедница, со цел сексуалните работници/чки да имаат пристап до информации, поддршка, безбедност и правда.

Обуката беше организирана во рамки на проектот „Самоидентификувани сексуални работници во борба против сексуално насилство и трговија со жени и девојки“, поддржан од UN Trust Fund to End Violence against Women. Преку овој проект работиме на зајакнување на безбедноста, информираноста и пристапот до правда за сексуалните работници/чки кои се изложени на ризик од сексуално насилство, експлоатација и трговија со луѓе.

Tags: , ,