1. Објавувач на повикот
Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје, на ден 12.08.2026 година, објавува Јавен повик за избор на двајца експерти/ки за изработка на водич за разграничување на доброволната сексуална работа од трговијата со луѓе во политиките и институционалната практика, а со цел подобро адресирање на потребите на самоидентификуваните сексуални работници/чки, особено во борбата против трговијата со луѓе и сексуалната експлоатација.
Овој ангажман се реализира во рамки на проектот „Самоидентификувани сексуални работници во борба против сексуално насилство и трговија со жени и девојки“ поддржан од UN Trust Fund to End Violence against Women. Крајната цел на проектот е самоидентификуваните сексуални работници во Северна Македонија кои се жртви на или се изложени на ризик од сексуално насилство, експлоатација и трговија со луѓе, да имаат поголема слобода на дејствување, безбедност и пристап до правда.
Повеќе за проектот може да прочитате на следниов линк: Самоидентификувани сексуални работници во борба против сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки
2. Цел на ангажманот
Целта на ангажманот е да се развие сеопфатен, практичен и контекстуално релевантен водич кој ќе им помогне на релевантните институции и други засегнати страни подобро да ги разберат специфичностите на сексуалната работа, клучните разлики помеѓу доброволната сексуална работа и ситуациите на трговија со луѓе и експлоатација, како и да придонесе кон појасна и посоодветна примена на овие разлики во креирањето политики, институционалното постапување и обезбедувањето услуги и поддршка.
3. Опис на задачите
За реализација на ангажманот ќе бидат избрани двајца експерти/ки, кои ќе работат како експертски тим во координација со проектниот тим на СТАР-СТАР Скопје.
Секој/а од избраните експерти/ки ќе биде ангажиран/а во времетраење од 5 работни дена. Конкретната распределба на задачите меѓу двајцата експерти/ки ќе биде договорена со СТАР-СТАР Скопје на почетокот на ангажманот.
Кандидатите/ките може да аплицираат индивидуално или заеднички како експертски тим составен од двајца експерти/ки. Во случај на индивидуални апликации, СТАР-СТАР Скопје ќе изврши избор на двајца кандидати/ки кои ќе го формираат експертскиот тим.
Експертскиот тим ќе биде задолжен за:
- Спроведување консултации и истражување за подготовка на водичот, кои опфаќаат:
- консултации со тимот на СТАР-СТАР Скопје за идентификување на клучните потреби, предизвици и институционални бариери поврзани со разграничувањето на доброволната сексуална работа и трговијата со луѓе;
- преглед и анализа на релевантната национална законска и институционална рамка, политики, процедури и практики;
- идентификување на клучните области во кои постои потреба од подобро разграничување помеѓу доброволната сексуална работа и трговијата со луѓе.
- Изработка и финализирање на водичот:
Врз основа на спроведените консултации и истражување, експертскиот тим ќе подготви нацрт-верзија на водичот, која треба да опфати:
- основни поими и јасно разграничување на доброволната сексуална работа, сексуалната експлоатација и трговијата со луѓе;
- критериуми и практични насоки за разграничување на доброволната сексуална работа од трговијата со луѓе;
- ризици, индикатори и ситуации кои може да упатуваат на трговија со луѓе и/или сексуална експлоатација;
- насоки за избегнување на поистоветувањето на сексуалната работа со трговијата со луѓе во политиките и институционалната практика;
- релевантната национална законска и институционална рамка;
- практични насоки за институционално постапување, со почитување на правата и специфичните потреби на самоидентификуваните сексуални работници/чки;
- релевантни примери, сценарија и/или студии на случај за полесна практична примена на водичот;
- препораки за подобрување на политиките, процедурите и институционалните практики.
По разгледување на нацрт-верзијата од страна на СТАР-СТАР Скопје, експертскиот тим ќе ги вгради релевантните коментари и препораки и ќе ја подготви и достави финалната верзија на водичот, заедно со кратки заклучоци и препораки за негова понатамошна практична употреба и застапување.
4. Очекуван резултат од ангажманот
Главен резултат од ангажманот е финализиран Водич за разграничување на доброволната сексуална работа од трговијата со луѓе во политиките и институционалната практика, наменет за релевантните национални засегнати страни во Република Северна Македонија.
Водичот треба да биде практичен, јасен и применлив и да се заснова на националната законска и институционална рамка, релевантните меѓународни стандарди и специфичностите на сексуалната работа во Северна Македонија.
5. Период и времетраење на ангажманот
Ангажманот ќе се реализира во периодот од 01.09.2026 до 15.10.2026 година.
Предвидениот ангажман изнесува 5 работни дена по експерт/ка, односно вкупно 10 експертски работни дена за реализација на задачите.
6. Финансиска понуда
Кандидат(к)ите, за ангажманот треба да достават финансиска понуда во бруто износ, изразена во американски долари (USD).
7. Критериуми за избор
- Најмалку 3 години професионално искуство во истражување, развој на анализи, водичи, прирачници, политики и/или други релевантни документи;
- Силно познавање на темите сексуална работа, трговија со луѓе, сексуална експлоатација и сексуално и родово-базирано насилство;
- Добро познавање на националната законска и институционална рамка релевантна за сексуалната работа и трговијата со луѓе;
- Квалитет на предлог програма/методологија за работа;
- Портфолио/референца од изработени практични водичи, прирачници, политики и/или други слични ресурси за институции и/или професионалци;
- Економски најповолна понуда.
Предност ќе имаат кандидати со:
- Искуство со работа и/или познавање на правата и потребите на сексуалните работници/чки и други маргинализирани заедници во Република Северна Македонија.
8. Склучување договор
Здружението ќе именува Комисија за евалуација и избор најдоцна во рок од 3 (три) работни дена по завршување на повикот. Со избраниот експерт/ка, здружението ќе склучи договор за повремен ангажман. Условите за ангажманот ќе бидат дополнително усогласени во договор помеѓу двете страни. Доколку комисијата не спроведе избор, јавниот повик може да биде продолжен.
9. Потребни документи за аплицирање:
Заинтересираните кандидати/ки може да аплицираат индивидуално или како експертски тим од двајца експерти/ки, поднесувајќи ја следнава документација:
- Кратко мотивациско писмо;
- Професионална биографија (CV);
- Предлог програма/методологија за изработка на водичот;
- Портфолио/референца од претходно изработени водичи, прирачници, анализи, политики и/или други релевантни документи;
- Финансиска понуда изразена во бруто износ во американски долари (USD).
* Во случај на заедничка апликација како експертски тим, се доставува една заедничка методологија за работа и финансиска понуда во која одделно ќе биде наведен предложениот бруто надомест за секој/а од двајцата експерти/ки.
10. Начин и рок за аплицирање
Документите треба да се достават со назнака:
Јавен повик – Експерт/ка за изработка на водич на следната електронска адреса: star.contact@yahoo.com
Краен рок за аплицирање: 19.08.2026 година, 17:00 часот.
Нецелосни апликации и пријави доставени по истекот на рокот нема да се разгледуваат. Избраните кандидати/ки ќе бидат известени по електронски пат, најдоцна до 24.08.2026 година.
Во прилог ЈАВНИОТ ПОВИК за избор на двајца експерти/ки за изработка на водич за разграничување на доброволната сексуална работа од трговијата со луѓе во политиките и институционалната практика во оригинална форма на следниов линк.

