Како прв и единствен колектив на сексуални работници во земјата и на Балканот, на 14-ти септември, по осми пат, со гордост се приклучуваме кон глобалната иницијатива за одбележување на Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници.
Овој ден е можност да се потсетиме на борбата за права, достоинство, безбедност и еднаквост, но и да покажеме што можеме да постигнеме кога заедницата се организира, зборува гласно и активно учествува во креирањето на решенијата што ја засегаат.
Во текот на 2025 година, продолживме да градиме простор во кој гласот на сексуалните работнички не само што се слуша, туку и учествува во создавањето на механизми за заштита, превенција и поддршка.
Што постигнавме во 2025?
1. Го насочивме нашиот фокус кон борбата против сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки
Во 2025 година го започнавме проектот „Самоидентификуваните сексуални работнички во борба против сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки“ – иницијатива која ја стави нашата заедница во центарот на борбата против сексуалното насилство, експлоатацијата и трговијата со луѓе.
Проектот произлезе од потребата да се препознаат искуствата, знаењата и перспективите на самите сексуални работнички и тие да бидат активни чинители во превенцијата и одговорот на насилството и трговијата со луѓе.
За нас, ова не е само уште еден проект. Ова е чекор кон градење систем во кој сексуалните работнички не се гледаат само како лица на кои им е потребна заштита, туку како рамноправни партнери во препознавањето на ризиците, креирањето решенија и заштитата на заедницата.
2. Развивме сеопфатен тренинг-модул за препознавање и спречување на сексуалното насилство и трговијата со луѓе
Како дел од проектот, креиравме сеопфатен тренинг-модул за самоидентификувани сексуални работници/чки, посветен на препознавање, пријавување и одговор на сексуално насилство и трговија со луѓе.
Модулот обезбедува практични знаења и алатки за препознавање на предупредувачките знаци, разбирање на ризични ситуации, навремено реагирање и информирање, како и барање помош и поддршка.
Она што го прави особено значаен е фактот што е создаден со перспектива на заедницата и за потребите на заедницата, затоа што никој подобро не ги разбира реалните ризици, бариерите и предизвиците со кои се соочуваат сексуалните работници од самите сексуални работници.
3. На 17-ти декември зборувавме гласно за безбедноста, правдата и достоинството
По повод Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, ја продолживме нашата борба против насилството со моќна видео-порака насловена „Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита“.
Во видеото, три сексуални работнички ја споделија реалноста што ја живеат, стравовите што ги носат и потребите што ги имаат.
Нивните гласови станаа наши заеднички барања:
Сè што ни треба е безбедност, правда, поддршка…
Со оваа порака уште еднаш покажавме дека зад статистиките, предрасудите и стереотипите стојат луѓе чии права, безбедност и достоинство мора да бидат заштитени.
4. Со кампањи ги одбележавме 2-ри јуни и 3-ти март – денови посветени на нашите права и нашата видливост
И во 2025 година продолживме да ја користиме моќта на дигиталниот простор за да ја зголемиме видливоста на заедницата и да испратиме јасни пораки за нашите права.
По повод 2-ри јуни – Меѓународниот ден на сексуалните работници, спроведовме онлајн кампања со која ја истакнавме важноста на признавањето, почитувањето и заштитата на правата на сексуалните работници.
На 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, повторно го ставивме во фокус прашањето на човековите права, достоинството и еднаквиот третман на сексуалните работници.
2025 беше година во која го засиливме нашиот глас
Од борбата против сексуалното насилство и трговијата со луѓе, преку создавањето конкретни алатки за заштита и едукација, до јавни кампањи со кои ја градиме видливоста на заедницата, во 2025 година продолживме да покажуваме дека сексуалните работници/чки не се само кориснички на системот на заштита, туку активни носителки на промени.
Најголемото достигнување за нас е да ја претвориме перспективата и искуството на заедницата во знаење, алатки и акции што можат да придонесат кон побезбедна средина за сите.
Иницијативата за одбележување на Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници, прв пат одбележан во 2019 година, е покрената од страна на NSWP (The Global Network of Sex Work Projects). Овој значаен ден има за цел да го слави самоопределувањето и зголемената видливост на заедницата на сексуалните работници и да ги покаже сите достигнувања на меѓународните организации предводени од сексуални работници во изминатата година.

