Во периодот од 16 до 20 ноември 2026 година, претставничка на СТАР-СТАР Скопје учествуваше на UN Trust Fund Global Learning Exchange, кој се одржа во Бон, Германија. Настанот обедини речиси 50 организации, добитнички на грантови од UN Trust Fund, од повеќе од 40 земји и територии, создавајќи простор за меѓусебно учење, размена на искуства, поврзување и зајакнување на капацитетите на организациите кои работат на спречување и ставање крај на насилството врз жените и девојките.
Учеството на СТАР-СТАР Скопје претставуваше можност да го споделиме нашето долгогодишно искуство во застапувањето за правата на сексуалните работници во Северна Македонија, да ги претставиме активностите на нашиот проект поддржан од UN Trust Fund и да размениме знаења и практики со организации од различни делови на светот.

Презентација на проектот и искуствата на СТАР-СТАР
Во рамки на кратките проектни презентации, претседателката на СТАР-СТАР, Лила Милиќ, го претстави проектот „Самоидентификуваните сексуални работнички во борба против сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки“, преку триминутно излагање.
Преку презентацијата беа претставени целите на проектот, неговите главни стратегии и активностите насочени кон подобрување на безбедноста, информираноста и пристапот до поддршка за сексуалните работнички. Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на заедницата, препознавањето и пријавувањето на сексуалното насилство и трговијата со луѓе, како и унапредувањето на институционалните механизми за идентификација и заштита на жртвите.

Застапување за законски и институционални реформи
Значаен дел од учеството беше и излагањето на Лила Милиќ, во рамки на сесијата „Policy and Legal Reform“, во чии рамки го сподели 16-годишното искуство на СТАР-СТАР Скопје во застапувањето за правата на сексуалните работници во Северна Македонија.
Во своето излагање, таа ги истакна законските, политичките и институционалните пречки со кои сè уште се соочуваат сексуалните работници, вклучувајќи ги стигмата, дискриминацијата и ограничениот пристап до правда и заштита. Посебно ја нагласи потребата од декриминализација на доброволната сексуална работа меѓу возрасни лица и воспоставување законска и институционална рамка која ќе гарантира еднаков пристап до здравствена и социјална заштита и правда.
Преку примери од долгогодишната работа на организацијата, беа споделени различни пристапи кон застапувањето – правна поддршка, јавна видливост, политички дијалог, градење партнерства и директно вклучување на сексуалните работници во процесите на донесување одлуки.
Лила го сподели и своето лично искуство како сексуална работничка и трансродова жена, нагласувајќи дека правата, безбедноста и достоинството не смеат да зависат од професијата, родовиот идентитет или начинот на живот на една личност.

„Не можеме да зборуваме за ставање крај на насилството врз жените ако од таа борба ги исклучуваме сексуалните работнички.“
Оваа порака ја отсликува суштината на нашето долгогодишно застапување: сексуалните работнички мора да бидат препознаени не само како лица на кои им е потребна заштита, туку и како активни учеснички во креирањето политики, законски решенија и механизми за превенција и заштита од насилство.
Заедничко учење, солидарност и колективна акција
Во текот на петдневниот настан, учесниците дискутираа за различни теми поврзани со спречувањето на насилството врз жените и девојките, меѓу кои законските и политичките реформи, растечките анти-родови движења, колективните стратегии за одржливост на работата на организациите, насилството овозможено преку технологија, кризата и конфликтните состојби, како и поврзаноста меѓу климатските промени и насилството врз жените и девојките.
На 19 ноември, во рамки на одбележувањето на 30-годишнината на UN Trust Fund, се одржа и високопрофилна комеморативна средба, проследена со свечен прием во Бон, посветени на тридецениската поддршка и придонес во борбата против насилството врз жените и девојките.

За СТАР-СТАР Скопје, учеството на оваа меѓународна размена беше значајна можност да го споделиме гласот и искуствата на нашата заедница, да воспоставиме нови контакти и партнерства и да учиме од организациите кои работат во различни општествени и институционални контексти.
Веруваме дека вистинските промени се можни само кога оние чии права се засегнати се активно вклучени во нивното создавање. Затоа продолжуваме да се залагаме за општество во кое секоја жена, вклучително и секоја сексуална работничка, ќе може да живее без насилство, страв, дискриминација и исклучување.
Нашиот глас е важен. Нашите животи се важни. И нашите права се важни.

