Акција за реакција 2 – Хуманитарна онлајн аукција за помош и поддршка на сексуални работници во социјален ризик

СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, Ве поканува на втората хуманитарна онлајн аукција „АКЦИЈА ЗА РЕАКЦИЈА 2“ на собрани дела од хумани автори која ќе започне од 28.02.2022 до 07.03.2022, на нашата Фејсбук страница: https://www.facebook.com/starsexwork/.

Хуманитарната аукција ја организираме во рамки на кампањата за одбележувањето на 3ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници и по повод 8ми март – Меѓународниот ден на жените. Кампањата има за цел да и обезбеди директна поддршка на нашата заедница, особено на сексуалните работници кои сè уште ги чувствуваат последиците од социо-економската криза предизвикана од КОВИД-19.

Сексуалните работниците како особено ранлива категорија на граѓани не беа во можност да ги користат националните мерки за намалување на последиците од КОВИД-19, бидејќи истите не нудеа соодветни решенија за потребите на сексуалните работници, а со тоа придонесоа кон нивно дополнително ограничување, осиромашување и маргинализација. Дополнително, оваа година сексуалните работници ги чувствуваат последиците и од енергетската криза како и раст на цените на секојдневните трошоци за живот.

Со секое купено дело на хуманитарната аукција, ќе донирате финансиски средства кои ќе бидат наменети за поддршка на најранливите сексуални работници и нивните семејства кои се наоѓаат во неповолна економска ситуација.

Ве покануваме да ја следите нашата втора хуманитарна аукција на дела од хумани автори, и подгответе се за надавање. Имено, ги покануваме сите заинтересирани, доколку сакаат да донираат свое дело, за помош и поддршка на сексуалните работници, да не исконтактираат на следнава електронска адреса: communications@starsexwork.org или да се јават на телефонскиот број: 070/324-902, најдоцна до 25.02.2022.

Благодарение на првата хуманитарна аукција „Акција за реакција„ која ја организиравме од 02.06.2020 до 15.06.2020 година, успеавме да собереме вкупно 34.600 денари со кои набавивме хуманитарни пакети и ваучери за помош и поддршка на најзагрозените лица од нашата заедница.

Бидете солидарни, реагирајте и донирајте!

#акцијазареакција2

Tags: , , , , , , , ,