Реализирана дводневна средба за развој на партнерска рамка за соработка со цел обезбедување услуги и заштита за самоидентификуваните сексуални работници

Во периодот од 11 до 13 март 2026 година, во Берово, СТАР-СТАР Скопје одржа дводневна средба за развој на партнерска рамка за соработка помеѓу даватели на услуги од областа на сексуалното и репродуктивно здравје, правната и социјалната заштита и овоможување прифатилиште за згрижување за лица кои преживеале сексуално насилство, експлоатација или трговија во луѓе.

Заедно со претставниците од Коалиција Маргини, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, ХЕРА и Ла Страда – Отворена порта, на работната средба отворивме важни прашања, разговаравме за потребите и предизвиците со кои се соочуваат самоидентификуваните сексуални работници и разменивме искуства и насоки за поефикасна соработка, со цел да придонесеме кон посилна и поусогласена поддршка, особено за оние кои се соочиле со сексуално насилство, експлоатација или ризик од трговија со луѓе.

Преку внимателно структуриран процес, заеднички ги разгледавме постојните предизвици, ги усогласивме приоритетите и отворивме важни прашања што предолго остануваат на маргините, иако директно влијаат врз животите, безбедноста и достоинството на самоидентификуваните сексуални работници.

Разговаравме за потребите на сексуалните работници во Северна Македонија, за најчестите проблеми поврзани со сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки, како и за реалните бариери со кои се соочуваат лицата кога треба да побараат заштита, здравствена, социјална или правна помош. Посебно значајно беше што овие прашања не ги отвораавме само теоретски, туку и преку разгледување конкретни случаи, мапирање на постојните услуги и искрени дискусии за тоа што недостасува, каде системот затајува и што е потребно да се смени.

Еден од поважните аспекти на оваа средба беше тоа што на едно место се поврзаа различни чинители кои обезбедуваат здравствена, правна, социјална поддршка и згрижување. Ова вмрежување е особено важно, бидејќи ниту една организација ниту институција не може сама да одговори на сложените потреби на лицата кои преживеале насилство, експлоатација или трговија со луѓе.

Заеднички работевме на развивање рамка и патоказ за соработка и координирано дејствување, а со цел да поставиме основа за појасна комуникација, подобро упатување, споделена одговорност и навремена реакција кога на некое лице му е потребна поддршка.

За нас, оваа средба претставува уште еден важен чекор во нашата континуирана заложба за почитување на човековите права, еднаков пристап до услуги и достоинствен третман на самоидентификуваните сексуални работници. Веруваме дека само преку партнерство, заедничка одговорност и гласно застапување може да се создадат услови во кои никој нема да остане невидлив, исклучен или оставен без поддршка.

Оваа активност се реализира во рамки на проектот „Самоидентификувани сексуални работници во борба против сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки“, поддржан од UN Trust Fund to End Violence against Women.

 

Tags: , , ,