И ДИГИТАЛНИТЕ ПРАВА СЕ ОСНОВНИ ЧОВЕКОВИ ПРАВА – кампања за одбележување на 3-ти март-Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници

Оваа година, кампањата за одбележување на 3-ти март-Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници ја посветуваме на дигиталните права и безбедност на сексуалните работници.

Во рамки на овогодинешната кампања И дигиталните права се основни човекови права, која ќе трае од 01.03 до 08.03.2024, се приклучуваме во борбата за почитување и заштита на основните човекови права, вклучувајќи го правото на приватност, правото на слобода на говор и здружување, правото на пристап до интернет и до онлајн услуги, заштита од дигитално родово засновано насилство, заштита на лични податоци, заштита од говор на омраза и дезинформации и пристап до правен лек во случај на повреда на дигиталните права.

Сексуалната работа, денес се одвива и во дигиталната сфера. Нудењето на сексуални услуги онлајн, од една страна им нуди предности и можности на сексуалните работници, а од друга страна пак и многубројни ризици и проблеми. Стигмата кон сексуалните работници и нивната маргинализирана положба во општеството се рефлектираат и во дигиталната сфера, која се манифестира на разни начини.

„Сама си е крива што ги споделила фотографиите“, „Види ја каква е разголена“, „Каква мајка си ти“, „Оди работи нешто корисно“, „Ти си срам за ова општество“, – вака сексуалните работници се перцепираат во онлајн просторот. Жртви на говор на омраза, вознемирување и дискриминаторски говор, сексуалните работници сѐ повеќе се изложени на трауматични искуства кои ги загрозуваат нивното здравје и безбедност, дополнително ги обесхрабрува во барањето на своите потреби и права.

Родово заснованото насилство онлајн и говорот на омраза го прават оналјн просторот небезбеден за сексуалните работници. Тие доживуваат стрес, страв и преживуваат трауматски искуства, особено кога поради сексуална злоупотреба преку визуелен материјал околината, родителите, децата и другите роднини или работодавачи дознаваат дека се сексуални работници. Поради ваквата злоупотреба можат да бидат и виктимизирани, односно да им бидат прекршени други права, како на пример да изгубат вработување, материјалите да се искористат против нив во постапки за старателство врз дете или стекнување други социјални права и слично.

Во Северна Македонија не постои ефикасна и ефективна заштита на жртвите од дигитално родово засновано насилство. Кога фотографии и други материјали се споделени во контекст на сексуална работа постои дополнителна бариера, стравот од криминализација на жртвите, за да се обратат за помош до институциите. Кривичниот закон и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство соодветно ја уредуваат оваа област. Недоволното спроведување на законската рамка е клучниот проблем. Дополнително отсуството на декриминализација на сексуална работа значи повреда на правото на приватност само по себе. Непрепознавањето на сексуалната работа како работа е резултат на морализирање и вмешување во приватноста, телесната автономија, самоопределувањето и самостојното донесување на одлуки поврзани со сексуалноста.

Со цел да ги потенцираме потребите на сексуалните работници во дигиталната сфера изготвивме Анализа на правната рамка во Република Северна Македонија во однос на дигиталната безбедност и дигиталните права на сексуалните работници. Анализата има за цел да покаже на кој начин стигмата кон сексуалната работа и недостатокот на правна рамка за декриминализација негативно влијаат врз остварувањето на дигиталните права и дигиталната безбедност на сексуалните работници во Северна Македонија.

Кампањата „И дигиталните права се основни човекови права“ ќе можете да ја следите на ФБ страницата на СТАР-СТАР, на следниов линк: https://www.facebook.com/events/1679827225887073

Анализата е спроведена во рамки на проектот „Отпорноста на сексуалните работници во дигиталната ера“ со цел да се зајакнат организациските и капацитетите на сексуалните работници за справување со дигиталните закани врз човековите права, со поддршка од фондацијата Hivos, преку грантовиот механизам Digital Defenders Partnership (DDP).

Кампањата по повод одбележувањето на 3-ти март-Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници се реализира со поддршка од фондацијата Red Umbrella Fund.

Tags: , , ,