17ти декември – Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници

По повод одбележувањто на 17 ДЕКЕМВРИ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА СТОП НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ, ние, сексуалните работници здружени во СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот и нашите поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини, по 14-ти пат ќе се приклучиме кон глобалното одбележување на овој значаен ден за заедницата со организирање на традиционален Марш на црвените чадори.

Маршот на црвените чадори ќе се одржи во Скопје на 17.12.2021 (петок), и ќе започне во 12 часот, од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза на ул. Македонија и ќе заврши на плоштадот „Филип II“. Пред започнување на маршот, сексуални работници ќе дадат свои изјави за медиумите.

Со овогодинешната кампања повторно ќе ставиме акцент на потребата од декриминализација на сексуалната работа, како најдобра правна рамка за унапредување на човековите, работните и здравствените права на сексуалните работници, како и итноста од донесување нова легислатива за сексуалната работа во Република Северна Македонија.

Сексуалните работници и нивните семејства егзистенцијално зависат од сексуалната работа која им е примарен извор на приходи. Со почетокот на кризата предизвикана од ковид-19, сексуалните работници како маргинализирана заедница се најдоа во особено тешка ситуација, погодени од економски, социјален и здравствен аспект. Во услови кога сексуалната работа не е конкретно правно регулирана и признаена како дејност, сексуалните работници не се во можност да ги користат економските мерки од државата, што пак влијае врз нивната општа благосостојба.

Затоа, сакаме да ја истакнеме потребата од итно донесување на соодветен модел за регулација за сексуалната работа во Република Северна Македонија, и да ги прашаме надлежните институции: ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА КОГА?

Бараме декриминализација на сексуалната работа, како најдобар модел за регулација на сексуалната работа, која ќе ги воочи потребите на сексуалните работници, ќе им овозможи заштита на нивните човекови и работнички права, ќе им обезбеди безбедни услови за работа, ќе ги заштити од насилство и злоупотреба, ќе го подобри пристапот до правда и здравствени услуги и ќе влијае позитивно на благостојбата и достоинството на сексуалните работници.

Со вклучување на сексуалните работници во процесите за донесување на нова соодветна законска регулатива за сексуалната работа, ќе ја оттргне заедницата од работ на општествените маргини и ќе придонесе за препознавање на нивниот труд.

Ние, сексуалните работници сакаме живот без стигма и насилство.

Ние, сексуалните работнции бараме безбедни услови за работа.

Ние, сексуалните работници нема да престанеме да маршираме се додека не се декриминализира сексуалната работа во Северна Македонија.

Маршот на црвените чадори ќе се одржи во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на јавни настани од овој тип, со строго почитување на здравствените мерки за заштита.

Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за првпат беше одбележан во 2003 година, како спомен и бдеење за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, со одбележување на овој ден им се овозможува на сексуалните работници ширум светот да се здружуваат и со заеднички сили да се борат против дискриминацијата и насилството.

Спроведувањето на кампањата по повод обележувањето на 17 ДЕКЕМВРИ – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА СТОП НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ е финансирана од Фондација Отворено општество – Македонија.

Tags: , ,