1-ви декември – Светски ден на СИДА 2022

По повод одбележувањето на 1-ви декември – Светскиот ден на СИДА, од УНАИДС ги потенцираат нееднаквостите кои ја продолжуваат пандемијата со СИДА и повикуваат на акција – “Equalize” со цел да се стави крај на СИДА-та до 2030 година. УНАИДС го повикува секој да работи на докажаните практични активности кои се потребни за справување со  нееднаквостите кои го кочат напредокот во ставањето крај на СИДА-та:

  • Зголемете ја достапноста, квалитетот и соодветноста на услугите за ХИВ, вклучувајќи ги третманот, тестирањето и превенцијата на ХИВ, така што секој ќе може да ја добие потребната услуга.
  • Реформирајте ги законите, политиките и практиките за справување со стигмата и исклученоста со кои се соочуваат луѓето што живеат со ХИВ и клучните и маргинализирани популации, така што на сите ќе им се покаже почит и секој еден ќе биде добредојден.
  • Обезбедете споделување на технологијата за да се овозможи еднаков пристап до најдобрата наука за ХИВ, помеѓу заедниците во целиот свет.
  • Заедниците ќе можат да ја искористат и приспособат пораката „Equalize“ (Изедначи) за да ги истакнат нееднаквостите со кои се соочуваат и да вршат притисок за активностите потребни за нивно решавање.

Според податоците од УНАИДС за глобалниот одговор на ХИВ, во текот на последните две години од пандемијата на КОВИД-19 и другите глобални кризи, напредокот против пандемијата на ХИВ е забавен, ресурсите се намалени, а како резултат на тоа се загрозени милиони животи.

Веќе четири децении од светскиот одговор на ХИВ, нееднаквостите сè уште постојат во пристапот до најосновните услуги како тестирање, третман и пристап до кондоми, а уште повеќе за новите технологии.

Ни преостануваат уште само осум години до поставената цел за ставање крај на СИДА-та до 2030-тата година како глобална здравствена закана. Економските, социјалните, културните и правните нееднаквости мора итно да се решат. Во пандемија, нееднаквостите ги влошуваат опасностите за сите. Навистина, крајот на СИДА-та може да се постигне само ако се справиме со нееднаквостите што ја поттикнуваат. Светските лидери треба да дејствуваат со смело и одговорно лидерство. И сите ние, насекаде, мора да направиме се што можеме за да помогнеме во справувањето со нееднаквостите.

По повод одбележувањето на 1-ви декември – Светскиот ден на СИДА 2022, здружението Заедно Посилни, во рамки на нивната кампања, организираат донаторски собир – „Заедно погласни“ во SOMA Lounge Bar на 01.12.2022 (четврток) 2022 г., со почеток во 20:00 ч. Средствата што ќе се соберат со донирање ќе им го олеснат пристапот до терапија и лекување и ќе им обезбедат помош во основни прехранбени и хигиенски производи на околу 20 лица во неповолна социјална положба, или ќе овозможат покривање на евентуални итни медицински потреби за луѓето со ХИВ. За повеќе информации околу добротворната забава, посетете го следниов линк од Фејсбук настанот на Заедно Посилни: https://www.facebook.com/events/443558661087908/

Tags: , , ,