Тркалезна маса: „Правна регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија”

Здружението за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, во соработка со ХОПС  – Опции за здрав живот и Коалиција МАРГИНИ,  ја оддржа тркалезната маса „Правна регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија” во Хотел АРКА – Скопје, во рамките на институционалниот грант на Здружението СТАР-СТАР поддржан од Фондацијата Oтворено општество – Македонија. 

На тркалезната маса на која присуствуваа значајни претставници на Основните Судови во Скопје, претставници на Основното јавно обвинителство, Министерство за внатрешни работи и адвокати во невладини организации, здруженија и коалиции, се дискутираше за моменталната состојба на сексуалните работници во Република Северна Македонија, за правната регулација на сексуалната работа во нашата земја во споредба со други модели на регулација на сексуалната работа во светот, како и нивното влијание врз животот и здравјето на сексуалните работници.

За придобивките од декриминализација на сексуалната работа како прифатен модел за правна регулација од страна на заедницата на сексуални работници се дискутираше на денешниот настан, на кој говореа Борче Божинов, претседател на СТАР-СТАР, Моника Тасевска, регионален координатор на СТАР-Исток, Ивица Цековски, истражувач и извршен директор на ХОПС – Опции за здрав живот и Наташа Бошкова, адвокатка и правна советничка од Коалиција МАРГИНИ/ХОПС.

Учесниците на тркалезната маса дадоа голема поддршка со своите позитивни коментари и беа отворени за понатамошна соработка во однос на задоволување на правните потреби на сексуалните работници во Република Северна Македонија, истакнувајќи дека е потребна едукација на општата јавност, како и на претставници на институциите со цел да се зголеми свеста за постоењето на сексуалните работници во нашата земја, за решавање на проблемите со кои оваа заедница се соочува секојдневно. Понатаму, претставниците ја потенцираа потребата за уредување на веќе постоечките закони со кои се регулира сексуалната работа со цел да се спречи понатамошно насилство.

Tags: , , , ,