Се одржа првата работна ПОП-АП вечера со сексуални работници и високи претставници на државни институции

За прв пат во историјата на Република Северна Македонија, вчера на 18.05.2021 година, овозможивме услови и ја организиравме првата работна ПОП-АП вечера, на иста маса, помеѓу сексуални работници и високи претставници на државни институции, кои имаат надлежности на делување во областа на подобрување на состојбата на човековите права, третманот на сексуалните работници и декриминализација на сексуалната работа во нашата земја.

На вечерата присуствуваа од една страна Борче Божинов – Претседател на СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот кој воедно ја имаше улогата на модератор на дискусијата, три активистки за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници, и од друга страна претставници на институциите:

Васка Бајрамовска-Мустафа – Заменичка на Народниот правобрaнител;

Јасминка Ангелова – Државна советничка во Министерството за внатрешни работи;

Александар Видиновски – Портпарол и посебен советник за односи со јавност во Министерството за правда; и

Светлана Цветковска – Советничка за недискриминацијa, заштита и превенција од трговија со луѓе во Министерството за труд и социјална политика.

За време на настанот претставничките на заедницата на сексуални работници пред високите претставниците на институциите ги изнесоа своите проблеми со кои секојдневно се соочуваат, нивните барања, како и потенцијалните решенија кои би придонеле кон подобрување на моменталната состојба во која живеат и работат сексуалните работници во Република Северна Македонија. Конкретните проблеми беа адресирани до Министерство за правда, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за внатрешни работи и до Народниот правобранител.

Беше отворена плодна дискусија во чиј фокус беа ставени сите проблеми кои произлегуваат од криминализацијата на сексуалната работа, стигмата и дискриминацијата со која секојдневно се борат сексуалните работници, како и потфрлувањето на механизмите за заштита од дискриминација и насилство.

Ваквиот тип на работна вечера беше поздравена од страна на претставниците на институциите, со оглед на тоа што изворно можеа да ги слушнат проблемите на сексуалните работници. Тие ги охрабрија сексуалните работници да продолжат во барањето на институционална поддршка, борбата против насилство и дискриминација по институционален пат, потсетија на механизмите на заштита, но ветија и заложби за подобрување целокупната состојба на сексуалните работници во доменот на нивното делување. Исто така за време на работната вечера се нагласи потребата за повеќе настани од овој тип и за поголема соработка на граѓанскиот сектор со институциите во изнаоѓање на заеднички решенија со цел унапредување на рамноправноста и заштита на правата на сексуалните работници.

Го поздравуваме присуството на претставниците од овие институции, кое е показател за отвореноста на институциите да се дискутира во оваа насока и да се изнаоѓаат креативни решенија со кои би се решиле проблемите на оваа група граѓани, а нивното активно учество и искажан интерес ни дава за право да се надеваме дека ваквиот дијалог и соработка ќе продолжи и во иднина.

Работната ПОП-АП вечера претставува креативна алка која служи да го сврти политичкото и институционално внимание кон одредена проблематика или кауза, со цел постигнување општествена промена за добробит на своите граѓани.

Овој настан се реализираше  во рамките на процесот за декриминализација на сексуалната работа во Република Северна Македонија кој го предводи Платформата за декриминализација за сексуалната работа претставувана од Здружението за поддршка на маргинализирани работници Стар- Стар, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје  и Коалиција Маргини, а беше поддржан од Фондација  Отворено општество – Македонија.

Настанот се одржа согласно сите важечки мерки и препораки за заштита од Ковид-19 вирусот.

Фотографиите се на авторот Ванчо Џамбаски.