Одржан 14-тиот Марш на црвените чадори

Во рамки на овогодинешната кампања, по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, ние, сексуалните работници, здружени во СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот заедно со ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ, го организиравме четиринаесетиот Марш на црвените чадори во Скопје. На маршот присуствуваа околу 100-ина учесници, сексуални работници, активисти и наши поддржувачи. Пред почетокот на Маршот, кој започна пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза и заврши на плоштадот Филип II, претставник на нашата заедница даде изјава за медиумите, испраќајки порака до општата јавност и институциите, дека ние, сексуалните работници сме дел од ова општество и треба да ги уживаме нашите човекови и работнички права подеднакво како и останатите граѓани:

„Нашата заедница како една од најмаргинализираните, особено во вакви кризни и тешки времиња, исклучена од владините мерки за помош и заштита, и без поддршка од институциите, е овде со една цел, да ја истакнеме потребата од итно донесување на нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија и да ги прашаме носителите и спроведувачите на законите ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА КОГА?

Системската дискриминација има создадено бариери,  па многу од нас, сексуалните работници не можат да пристапат до здравствени, социјални и правни услуги, а со тоа ни се негира правото на заштита и поддршка.

Декриминализација значи поголема веројатност за сексуалните работници да живеат без стигматизација, социјална исклученост, и страв од насилство.

Сексуалната работа сè уште не е правно регулирана во Република Северна Македонија. Вршењето дејност поврзано со сексуална работа се смета за нарушување на јавниот ред и мир, додека други активности поврзани со сексуалната работа се третираат и казнуваат како кривични дела. Во вакви услови, ние како маргинализирана заедница не сме во можност да работиме во безбедни услови, што пак влијае негативно врз нашата општа благосостојба.

Оттука, бараме итна и неодложна декриминализација на сексуалната работа во земјата и признавање на човековите и работничките права на најстарите работници во светот.

  1. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата е почитување на човековите права и достоинство.
  2. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата помага за заштита од насилство и злоупотреба.
  3. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата ја ограничува полициската злоупотреба и насилство.
  4. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата го подобрува пристапот до правда.
  5. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата ги порекнува последиците од кривично досие.
  6. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата го подобрува пристапот до здравствени услуги.
  7. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата го намалува ризикот од ХИВ и сексуално преносливи инфекции.
  8. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата ги унапредува безбедните работни услови.
  9. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата овозможува ефективен одговор на трговијата со луѓе.
  10. Бараме декриминализација на сексуалната работа, затоа што декриминализацијата ја спречува државната контрола врз нашите тела и сексуалноста.

Република Северна Македонија како земја за аспирации за членство во Европска Унија има обврска да обезбеди еднакво почитување на човековите права и слободи и унапредување на демократијата. Оттука, бараме да бидеме препознаени од институциите и вклучени во процесот на креирање на најдобро законско решение за регулација на нашата работа, започнувајќи со измени на член 191 од Кривичниот законик и член 19 од Законот за прекршоци против јавен ред и мир.“

Маршот на црвените чадори беше следен и медиумски покриен со присуство на национални и локални телевизии кои ни дадоа поддршка на настанот преку нивните медиумски прилози и видео снимки од пресот и маршот во централните вести и на Интернет порталите:

https://www.24.mk/details/seksualnite-rabotnici-so-crveni-chadori-kje-marshiraat-na-ulica-makedonija

https://kanal5.com.mk/nov-marsh-stari-baranja/a508238

https://fokus.mk/marsh-na-tsrvenite-chadori-seksualnite-rabotnitsi-na-ulitsa-foto/

https://www.bbc.com/serbian/lat/balkan-59702435

Во прилог ви пренесуваме дел од атмосферата преку фотографиите на Ванчо Џамбаски од овогодинешниот Марш на  црвените чадори на следниов линк: https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720295342864

Во рамки на овогодинешната кампања, го промовиравме и видеото од ПОП-АП вечерата, на која сексуални работници, претставници на нашата заедница и претставници на институциите, е дискутирано за состојбата на човековите права, третманот на сексуалните работници и декриминализацијата на сексуалната работа во Република Северна Македонија, која ја одржуваме на 18.05.2021.

Спроведувањето на кампањата по повод обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници е поддржана од Фондација Отворено општество – Македонија.

Tags: , ,