Обезбедувањето здравствена заштита кај МСМ популацијата можеби претставува сложен процес, но сепак е возможна

Истражувањата покажаа дека со решавање на проблемите со ХИВ кај одредени клучни популации претставува приоритет со цел да се стави крај на епидемијата кај општата популација.

Клучни популации се групи идентификувани од страна на Светската здравствена организација, кои бараат посебно внимание во здравствените програми, бидејќи тие се соочуваат со особено висок ризик од пренос на ХИВ и други сексуално преносливи инфекции. Овие популации се маргинализирани и немаат добар пристап до здравствените услуги.

Една од овие маргинализирани групи се мажите кои имаат секс со мажи т.е МСМ популацијата. Од клучно значење е да им се обезбеди лесен и адекватен пристап до услуги за ХИВ превенција и соодветни третмани за ХИВ.

Но, во многу делови од Субсахарска Африка, вклучувајќи ја и Јужна Африка, мажите кои имаат секс со мажи се соочуваат со стигма и предрасуди кога користат здравствени услуги. Ова често го ограничува нивниот пристап до здравствената заштита.

Според истражувањето “Искористување на здравствени услуги во 2 здравствени установи наменети за мажи кои имаат секс со мажи во Јужна Африка: ретроспективна анализа на оперативните податоци“ се покажа дека е можно да се обезбеди квалитетна здравствена нега и заштита во јавниот сектор за мажите кои имаат секс со мажи.

Преку здравствените услуги специјално дизајнирани и обезбедени во дел од државните здравствени установи во Јужна Африка, на МСМ популацијата им се овозможува пристап до антиретровирусни терапии.

Реалноста во Јужна Африка

Околу 7,1 милиони луѓе во Јужна Африка живеат со ХИВ. Тоа е околу 12,6% од општата популација. Кај МСМ популацијата, оваа бројка изнесува 34,6%.

Обезбедувањето на здравствени услуги за оваа група претставува предизвик поради разновидноста на истата. Многу мажи кои имаат секс со мажи не се гледаат себеси како геј. Тие можат да се идентификуваат како бисексуалци или хетеросексуалци, или пак да сметаат дека не припаѓаат во ниедна од овие субгрупи. При тоа, се отежнува можноста да се пронајдат начини како да се допре до оваа популација.

Нивните сексуални практики исто така варираат, што пак може да го зголеми ризикот од пренос на ХИВ. На пример, некои мажи имаат анален секс без кондом, што претставува ризично однесување. Но, не сите мажи кои имаат секс со мажи практикуваат анален секс.

Оттука, произлегува потребата да се разберат и задоволат потребите од сексуално здравствени услуги кај широк спектар на мажи кои имаат секс со мажи. Предизвикот е во тоа што МСМ популацијата обично имаа пристап до редовни здравствени услуги, меѓутоа сметаат дека не се прифатени и доживуваат дискриминација. Често чувствуваат дека не можат да им ја објаснат својата сексуална историја на здравствените работници.

Во Јоханесбург и Кејптаун постојат три клиники Health4Men од невладини организации кои обезбедуваат сеопфатни сексуални здравствени услуги за МСМ, вклучувајќи и спречување и лекување на ХИВ и други СПИ. Меѓутоа, потребно е истите услуги да бидат опфатени и во државните здравствени установи, со цел да се решат проблемите со кои се соочува оваа маргинализирана група.

Пополнување на празнините

Од геј и бисексуалните мажи, кои биле тестирани за ХИВ на здравствените клиники околу 40% испаднале ХИВ позитивни. Процентот на позитивни ХИВ случаи кај хетеросексуалните мажи изнесувал 14%.

При тоа, невладините здравствени клиники се тие кои помагаат кај оние кои живеат со ХИВ да добиваат редовна антиретровирусна терапија. Повеќе од 80% од мажите кои започнале со антиретровирусна терапија на клиниките сè уште ги земале лековите во последните две години.

Луѓето кои се на антиретровирусна терапија мора да се лекуваат до крајот на својот живот. Но, задржувањето на истите претставува голем предизвик.

Покрај тоа, мажите кои имаат секс со мажи често не се свесни за ризикот кој постои за пренос на сексуално преносливи инфекции. Често овие инфекции имаат невидливи симптоми и поради тоа многумина не се свесни дека ги имаат и не бараат соодветен третман. Наоѓањето и лекувањето на овие инфекции е важно бидејќи нелекуваните сексуално преносливи инфекции го зголемуваат ризикот од пренос на ХИВ.

Една од причините поради која услугите на Health4Men се успешни е присуството на машки здравствени работници. Машките здравствени работници се специјално обучени да ги разберат специфичните потреби и здравствени проблеми на мажите кои имаат секс со мажи. Се чини дека нивното вклучување им овозможува на многу мажи да се чувствуваат поудобно и отворено да дискутираат за сексуалните прашања.

При тоа, МСМ популацијата ги смета овие невладини клиники за безбедни места каде што можат слободно да ги добиваат потребните здравствени услуги.

Овозможување на адекватни услуги кај МСМ

Со цел да се спречи ширењето на ХИВ, Јужна Африка треба да го прошири пристапот до специјализирани здравствени услуги за мажите кои имаат секс со мажи. Воедно, овие услуги треба да им бидат достапни и во државните здравствени установи не само во клиниките водени од НВО секторот.

Спроведувањето на овие специјализирани услуги во руралните средини претставува исто така проблем поради ограничените ресурси. Но, во овие области здравствените работници треба да бидат обучени за да ги разберат различностите кај родовиот идентитет, полот и сексуалноста. Преку реализирање на соодветна обука за сензибилизирање на здравствените работници би довело до намалување на предрасудите и негативните ставови кон мажите кои имаат секс со мажи.

На крајот, важно е дека со услугите за превенција од ХИВ, вклучувајќи ги редовните ХИВ тестирања, пристапот до кондоми и лубриканти, третманот на сексуално преносливи инфекции и ПрЕП (пилула што се зема секојдневно за да се спречи ХИВ инфекцијата) треба да се стигне до ХИВ-негативни мажи кои имаат секс со мажи. Исто така, од клучно значење е за оние кои се веќе ХИВ позитивни да имаат пристап до антиретровирусна терапија со цел да го намалат ширењето на ХИВ вирусот.

Tags: , , , , ,