Мажи кои имаат секс со мажи (МСМ) и ХИВ/СИДА

На глобално ниво, мажите кои имаат секс со мажи (МСМ) се за 24 пати повеќе изложени на ризик од ХИВ, во споредба со општата популација. Нови случаи на лица кои живеат со ХИВ кај оваа група се зголемуваат во некои региони – со пораст од 17% во Западна и Централна Европа и пораст од 8% во Северна Америка помеѓу 2010 и 2014 година.

Во 2015 година, мажите кои имаат секс со мажи сочинуваат 12% од новите ХИВ инфекции ширум светот, т.е 54% од новите ХИВ инфекции во Западна Европа, 68% во Северна Америка и 30% во Латинска Америка и Карибите.

Кои се фактори кои ја ставаат МСМ популацијата на поголем ризик од ХИВ?

ХИВ-преваленцата кај мажите кои имаат секс со мажи е висока во многу земји ширум светот и истите се изложени на поголем ризик пред се поради незаштитен сексуален однос. Сепак, постојат и други фактори кои ги ставаат мажите кои имаат секс со мажи на зголемен ризик од ХИВ.

Биолошки фактори

Една од главните причини за висок ризик од ХИВ кај оваа група е имањето на незаштитен анален секс. Тоа е затоа што ѕидовите на анусот се тенки и полесно се кинат, со што ХИВ вирусот може да навлезе во крвта. Исто така, сексуално преносливите инфекции (СПИ)го прави лицето поподложно на ХИВ инфекцијата. Тука голема улога игра и ниската свест кај оваа популација за сопственото здравје и ненавременото тестирање, што значи дека многумина живеат со недијагностицирани СПИ, и истите се изложени на поголем ризик од ХИВ.

Бихевиоралнo однесување

Мажите кои имаат секс со мажи имаат повеќе сексуални партнери, а многу од оваа заедница, не користат кондоми за заштита. Во околу половина од земјите кои неодамна пријавиле податоци, помалку од 60% од мажите кои имаат секс со мажи изјавиле дека употребиле кондом при нивниот последен анален секс. Овие податоци се доказ за неконзистентна употреба на кондоми кај МСМ популацијата. Како една од причините за ова е немањето на кампањи за побезбеден секс. На пример, во САД, процентот на мажи кои пријавиле користење на кондом при последниот анален секс се намалил од 41% во 2011 година на 35% во 2014.

Пристапот до услугите за ХИВ тестирање кај оваа група е различен. Во неколку европски и северноамерикански градови, 90% од мажите кои имаат секс со мажи се свесни за нивниот ХИВ статус. Додека пак, во Кенија, Малави и во Јужна Африка се открило дека само еден од тројца е свесен за својот ХИВ, а тоа би било помалку од 10%. Оттука, може да се заклучи дека голем е бројот на МСМ кои не се свесни за нивниот ХИВ статус и можеби не се свесни за потребата да преземат заштитни мерки за спречување на пренос на ХИВ на други лица.

Во Велика Британија и Америка, постои растечки тренд кај МСМ популацијата, каде што лица од оваа група се поактивно се впуштаат во групен секс под влијание на психоактивни супстанци, попознат уште и како хемсекс (chemsex). Земањето на психоактивни супстанци како метамфетин и метедрон, потпомага во зголемување на времетрањето на сексуалниот чин, кој може да трае неколку саати па се до неколку дена со повеќе партнери. Според најновите истражувања, во В. Британија, се проценува дека 3 од 10 геј мажи се вклучиле во хемсекс минатата година.

Здравствените работници се особено загрижени за високо ризичните однесувања што ги предизвикуваат овие хемиски супстанци. Недостатокот на физичка инхибиција и свесност често значи дека учесникот во ваков тип на секс е изложен на повеќе партнери без заштита или пак користи заедничка опрема за земање дрога што го зголемува ризикот од пренесување на ХИВ.

Правни фактори

Од мај 2016 година, 73 земји сè уште го криминализираат взаемнито сексуален однос помеѓу лица од ист пол, влијаејќи на правата на мажите кои имаат секс со мажи и други членови на ЛГБТИ заедницата. Во 13 земји, вклучувајќи Иран, Судан, Саудиска Арабија, Јемен и делови од Нигерија и Сомалија, хомосексуалноста е казнива со смртна казна. Како резултат на тоа, мажите кои имаат секс со мажи се со помала веројатност да пристапат до услугите за ХИВ поради страв да не се открие нивниот идентитет и нивната сексуална ориентација.

Социјални и културни фактори

Многу мажи кои имаат секс со мажи доживеале хомофобична стигма, дискриминација и насилство. Ова ги тера луѓето кои имаат секс со мажи да го кријат својот идентитет и сексуалната ориентација. Многумина стравуваат од негативна реакција од страна на здравствените работници. Како резултат на тоа, мажите кои имаат секс со мажи имаат помала веројатност да пристапат до услугите за ХИВ.

Постои поголема веројатност, мажите кои имаат секс со мажи да доживеат депресија поради социјална изолација и исклучување од здравствените системи. Ова може да го отежни пристапот до услуги поврзани со ХИВ, како што е и придржувањето кон АРТ терапијата.

Програми за превенција на ХИВ кај МСМ популацијата

Високата преваленца на ХИВ меѓу мажите кои имаат секс со мажи ширум светот е доказ дека стратегиите и програмите за превенција на ХИВ не успеваат да стигнат до оваа група.

Извештаите од 20 земји во 2009 и 2013 година покажуваат дека процентот на мажи кои имаат секс со мажи кои имаат пристап, односно кои се опфатени во програмите за превенција на ХИВ се намалил од 59% на 40%. Исто така треба да се истакне фактот, дека пристапот до овие програми варира во различни региони во земјите, т.е мажите кои имаат секс со мажи со повисок приход се со поголема веројатност да можат да си ги дозволат услугите поврзани со ХИВ и да пристапат до иницијативи за спречување на преносот на ХИВ вирусот, за разлика од оние кои имаат низок приход. Затоа е многу важно програмите за превенција на ХИВ да бидат лесно достапни за сите подкатегории од МСМ популацијата.

Како резултат на ова, во 2015 година, група меѓународни агенции и невладини организации објавија алатка “Воведување на сеопфатни ХИВ/СПИ програми кај МСМ” наменета за употреба од страна на официјални претставници од јавното здравство, претставници на програмите за ХИВ и СПИ, невладини организации, здравствени работници и организации водени од заедницата.  Оваа алатка дава препораки за превенција, тестирање и третман на ХИВ кај мажи кои имаат секс со мажи и се базираат на успешни пристапи под водство на заедницата.

Tags: , , ,