ЛГБТИ организациите од целиот свет повикуваат на декриминализација на сексуалната работа

За време на Светската конференција на ИЛГА (Интернационална организација која ги застапува правата на ЛГБТИ луѓето) која се одржа во Нов Зеланд, активистите на ЛГБТИ организациите во светот одлучија да се справат со стигматизацијата на сексуалните работници, кои се вклучени во ЛГБТИ движењето. Нивната одлука за поддршка на правата на сексуалните работници и декриминализација на сексуалната работа беше усвоена на завршната седница на конференцијата за спротиставување на сите форми на криминализација и законско угнетување на сексуалните работници.

“Сметаме дека справувањето со насилството, криминализацијата и кршењето на човековите права против ЛГБТИ заедницата и сите сексуални работници мора да биде приоритет за нашето глобално ЛГБТИ движење”, вели Рут Балдакино, генерален секретар на ИЛГА. “Сексуалните работници се составен дел од нашата ЛГБТИ заедница и движења и ги обликуваат клучните моменти во квир историјата: ние мораме да ги слушаме нивните гласови, да застанеме покрај нив и да ја продолжиме нашата борба за социјална правда за сите”.

Сексуалните работници ширум светот секојдневно се соочуваат со насилство, дискриминација и социјално исклучување. Тоа е причината поради која глобалната ЛГБТИ мрежа, која претставува повеќе од 1.500 организации од повеќе региони во светот, се приклучува на сè поголем број организации во борбата за човекови права, здравје и борбата против трговијата со луѓе, барајќи од владините институции да ја препознаат сексуалната работа како работа и да ги заштитат човековите права на сексуалните работници.

ИЛГА – Меѓународното лезбејско, геј, бисексуално, транс и интерсексуално здружение ја одобри одлуката на својата 30-та по ред светска конференција, која се одржа во Аотеароа Нов Зеланд , земја која декриминализираше сексуална работа во 2003 година, воспоставувајќи интегративна политика која им овозможува на сексуалните работници да го изберат местото, видот и начинот на работа, вклучувајќи го и правото да одбиваат клиенти. Оваа практика е признаена како една од најдобрите практики за регулација на сексуалната работа од страна на Обединети Нации и други меѓународни организации, вклучувајќи ги и женските организации од Нов Зеланд, како што е Марионската женска социјална лига, најголемата женска организација во земјата.

Алан Хета Кливер, член на одборот на колективот на сексуални работници од Нов Зеланд, изјави:

“Како млад сексуален работник бев уапсен и осуден за проституција пред да биде декриминализирана сексуалната работа. Работев како сексуален работник на улица и честопати моето здравје и безбедност беа изложувани на ризик, при тоа не можев да ја повикам полицијата за помош. Откако се декриминализира сексуалната работа и по долга пауза се вратив на работа. Сега можам да работам во затворени простории и да не бидам изложен на ризик. Знам дека полицијата ќе ми помогне, доколку ми е потребна помош.  Покрај тоа, можам да пристапам до здравствена заштита и информации за моите права преку организации како што е Колективот на сексуални работници во Нов Зеланд – NZPC. Правата на сексуалните работници се човекови права!”

Сабрина Санчез, транс-жена, сексуален работник-мигрант од Мексико во Шпанија, основач на здружението за сексуални работници OTRAS во Шпанија, изјави:

“Многу транс жени бегаат од насилство во нивните матични земји и мигрираат со цел да најдат безбедни места каде што ќе можат да живеат и работат без страв дека би можеле да бидат убиени поради изразување на својот родов идентитет или сексуална ориентација”.

Истражувањата покажале дека помеѓу 2008 и 2018 година, биле убиени 2,982 транс лица од кои 62% биле сексуални работници. Меѓународната организација ИЛГА признава дека голем број ЛГБТИ поединци започнуваат да ја работат сексуалната работа поради трансфобија, бифобија и хомофобија, кои им го ограничуваат пристапот до образование и други форми на вработување, а истовремено ја осудуваат криминализацијата на сексуалната работа, вклучително и криминализацијата на клиентите.

Лука Стевенсон, координатор на Меѓународниот комитет за правата на сексуалните работници во Европа – ICRSE, кој претставува мрежа од 100 организации додава:

Се поголем број земји во Европа како и на глобално ниво го спроведуваат или разгледуваат репресивниот шведски модел за криминализација на клиентите, игнорирајќи ги огромните докази дека сите форми на криминализација на сексуалната работа директно ја зголемуваат ранливоста на сексуалните работници на насилство, ХИВ и кршењето на човековите права. Го поздравуваме потегот на ИЛГА кои сакаат да ги слушнат сексуалните работници и да ги поддржат нивните права преку декриминализација.”

Tags: , , , ,