Дали трансродовите лица се прифатени во Република Северна Македонија и каков е нивниот пристап до здравствените услуги и услугите поврзани со ХИВ?

Трансродовите лица во Република Северна Македонија се соочуваат со низа проблеми, меѓу кои се стигмата и дискриминацијата од општеството, како и од страна на државните институции. Најголемите проблеми со кои се соочуваат овие лица се однесуваат на немањето закон за правно признавање на родот и дискриминацијата при добивањето здравствени услуги.

Повеќе за тоа како се прифатени трансродовите лица во Р. Северна Македонија и каков е нивниот пристап до здравствените услуги кои им се потребни, говори Предраг Јовановски.

Како општеството во Република Северна Македонија ги прифаќа трансродовите лица?

– Генерално сметам дека воопшто не сме прифатени, до степен каде што воопшто не постои простор за дискусија на тема прифаќање од општеството, и тоа од повеќе аспекти. Почнувајќи од околината, образовниот процес, здравствените и останатите државни институции кои нудат услуги, исто така останати институции како на пример банки, па сѐ до самиот систем кој практично не го препознава нашиот идентитет, и со тоа директно воспоставува пракса на директна дискриминација.

Сепак, има позитивни исклучоци на прифаќање од потесниот социјален круг, кое не секогаш се случува одеднаш, но сепак го подобрува квалитетот на животот на поединецот.

Дали некогаш си бил/а дискриминиран/а врз основа на твојот родов идентитет? Кажи ни за твоето искуство?

– Самата невозможност да се промени секс маркерот во лични документи и неквалитетната здравствена заштита и услуги го гледам и доживувам како еден вид најсилна дискриминација, која сама по себе повлекува низа други ситуации со дискриминација, како и постојана изложеност на ризик од истата. Тргнувајќи од тоа дека обична услуга во банка, или пак обична здраствена услуга претставува огромен предизвик, кој се одложува само поради „поинаквиот“ третман, слободно можам да кажам дека доживувам дискриминација/непријатности барем еднаш во месецот.

Дали трансродовите луѓе во РСМ ги добиваат сите потребни здравствени услуги?

– Не. На добивањето здравствена услуга и претходи низа консултации со луѓе од заедницата, кои имаат искуство, се бараат сензибилизирани доктори, кои без разлика на родовиот идентитет ќе пружат соодветна услуга, без разлика за каков проблем и потреба станува збор – тоа за мене субјективно не претставува соодветна здравствена заштита.

Од друга страна пак, неинформираноста и незаинтересираноста на докторите за трансродовите лица, медицинската транзиција, целокупниот процес и игнорантноста кон специфичните проблеми својствени за заедницата, за мене лично е тотално апсурдно и неприфатливо.

Накратко, за да ги добиваме соодветните здравствени услуги, треба да имаме и комплетна здравствена заштита која ќе биде достапна, недискриминирачка, а медицинскиот персонал не само што ќе биде сензибилизиран, туку ќе биде и едуциран за здравјето на трансродовите луѓе.

Што мислиш дека им е најпотребно на трансродовите лица во Република Северна Македонијa гледано од здравствен аспект?

– Како што напоменав, првенствено ни требаат сензибилизирани, но и едуцирани доктори кои ќе можат да одговорат на нашите проблеми, кои ќе бидат достапни и тука за нас.

Исто така ни треба подостапна медицинска транзиција, не само од ендокринолошки аспект, туку и од хируршки. Поедноставен и полесен пристап, од системски, административен, но и финансиски аспект. Тука би ја напоменал и потребата од хирурзи за операциите за потврдување на родот во државата, со цел подостапен, но и поевтин процес, за разлика од опцијата која ја имаме сега, а тоа е патување вон државата за истите тие операции. Поголема достапност на хормони, особено естроген во ампули кој сѐ уште не е достапен кај нас.

Дали сметаш дека трансродовите луѓе спаѓаат во ризичната група за ХИВ?

– Иако МСМ популацијата и геј мажите се во главниот фокус како ризична група, сепак најризична група за ХИВ се трансродовите жени, па со тоа би кажал дека и те како сме засегнати генерално цела заедница.

Каков е пристапот на трансродовите лица до здравствените услуги за ХИВ и сексуалното здравје?

– Услугите кои ги нудат јавните здравствени установи се избегнуваат, и скоро не се ни користат заради несензибилизираниот медицински персонал, дискриминирачкиот однос, но и непроменетите документи.

Се практикуваат услугите кои ги нуди невладиниот сектор заради персоналот кој е сензибилизиран, односот со клиентот, но и достапноста кон истите.

Како ти се одвива животот генерално? Што е она за што си најмногу задоволен/-а? Дали има нешто што сакаш да промениш?

– Генерално добро, исклучувајќи го проблемот со документите и пропратните институционални проблеми, би рекол дека социјалниот живот ми е прилично океј. Сепак, постојат одредени кругови на луѓе кои немаат предрасуди и не прифаќаат онакви какви што сме.

Најмногу сум задоволен од тоа што почнав со транзиција и скоро сите мои блиски луѓе ме поддржаа во тоа, но и од тоа што постојат сѐ повеќе луѓе кои се отворени кон различности и не дискриминираат. Сум задоволен што постојат организации и активисти/тки кои не само што се борат за повеќе права, туку помагаат и даваат емотивна поддршка, но пред сѐ се тука за заедницата.

Единствено нешто кое за сега би го променил се документите, односно законот за правно признавање на родот и можноста за промена на секс маркерот во личните документи, за што сум сигурен дека ќе го олесни и ќе го подобри квалитетот на животот на сите лица во заедницата.

Tags: , , ,