СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА СТОП НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ

Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, годинава по осми пат се приклучува кон Глобалната акција за солидарност по повод Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.

По тој повод, со црвени чадори во рака, во четврток на 17-ти декември, ќе маршираат сексуални работници, стриптизети и стриптизери, хот лајн операторки, ескорт девојки и момци, корисници на нивните услуги, активисти за човекови права и нивни поддржувачи.

Со овој настан би сакале да ја информираме јавноста за големиот број на сексуални работници во Македонија, и да ја пренесеме загрижувачката состојба за безбедноста и условите во кои што тие живеат и работат. Во последните неколку години, најлошите и најраспространети насилства врз сексуалните работници ширум светот произлегуваат од хистеријата поврзана со трговијата со луѓе, пропаганда која предизвикува морална паника и од која стравуваат самите сексуални работници.

Стигмата и дискриминацијата со која се соочуваат сексуалните работници, не ги охрабрува истите да ги пријавуваат во полиција делата од омраза извршени врз нив. Тие остануваат безгласни, а насилниците се и понатаму на слобода. Многу пракси ширум светот потврдија дека сексуалните работници можат да послужат како одлични детективи и да и асистираат на полицијата во полесно спроведување на насилниците до институциите на системот.

Централен настан по повод овој ден е Маршот на Црвените чадори, марш кој и пркоси на небезбедноста а претставува портрет на оние кои ги креираат судбините на сексуалните работници, и живеат во еден поинаков свет за разлика од ‘курвите’, кои ја издржуваат грубоста на улиците.

За организаторот: СТАР е невладина организација, која од 2012 година активно работи на имплементација на програмата за ХИВ превенција помеѓу сексуални работници, со поддршка на Министерството за Здравство на РМ и Глобалниот фонд за борба против Сида, Туберкулоза и Маларија.

Марш на црвените чадори, 17.12.2015 година (четврток), 12.00 часот,
Улица Македонија (пред Плеј кафе)

Лице за контакт:
Борче Божинов/Извршен директор на СТАР
bozhinov@starsexwork.org 02/ 2 32 32 411