Денес, го одбележуваме 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, и потсетуваме: правата не се привилегија, туку основа за живот со достоинство, почитување и еднаквост. Сексуалните работници, како и сите други, имаат право на безбедност, здравје, социјална заштита и правда. Но кога една заедница живее под стигма, дискриминација и страв, правата често остануваат само формално признаени, без реална заштита во секојдневието.
Сексуалните работници и понатаму се туркани на маргините, иако заедницата со години се залага за подобрување на условите во кои доброволно работи во Република Северна Македонија. Наместо еднаков третман како работници, тие често се соочуваат со прекршувања на работничките права и со отсуство на елементарна заштита.
Непрепознавањето на сексуалната работа како работа значи дека сексуалните работници остануваат надвор од системите што ги штитат другите работници: без сигурни и фер услови, без механизми за пријавување и заштита на работното место, без стабилност и без институционална поддршка кога се повредуваат нивните права.
Денес, сексуалната работа е сè поприсутна и во дигиталната сфера, што значи дека и дигиталните права стануваат клучен дел од човековите права на сексуалните работници. Интернетот може да донесе повеќе контрола, избор и автономија, но истовремено отвора простор за повреди на права кои често се игнорираат: говор на омраза, онлајн вознемирување, уцени, злоупотреба на фотографии и видеа и дискриминаторски напади. Во такви услови, дигиталното родово базирано насилство станува секојдневна закана, насочено кон понижување, замолчување и контрола поради родот, изразот, сексуалноста или професијата. Кога интимен материјал ќе биде злоупотребен, последиците не се „само онлајн“.
Кога интимен материјал ќе биде злоупотребен, последиците не остануваат „само онлајн“, тие директно го загрозуваат правото на приватност, безбедност и достоинство, а често повлекуваат и нарушување на други права: притисоци и закани, губење на работа, проблеми во постапки за старателство, како и ограничен пристап до социјални права и услуги. Дополнителен проблем е што многумина не се чувствуваат безбедни да побараат институционална заштита и правен лек, затоа што стравот од осуда, стигма и криминализација е реален.
Затоа 3 март не е само симболика. Тоа е повик за суштинска промена. Промена во институционалниот пристап, во здравствените и социјалните услуги, во начинот на комуникација и третман, и во достапноста на информации за правата. Потребни се јасни и разбирливи насоки, поголем опфат на социјална заштита, подобра достапност на услуги за сексуално и репродуктивно здравје, како и професионална поддршка без осуда и дискриминација.
И конечно, потребна е промена што ја отвора вратата за сите други права: декриминализација на доброволната сексуална работа. Бидејќи кога заедницата е принудена да живее во сенка, правдата станува далечна, а безбедноста условена. Кога сексуалната работа е препознаена како работа, сексуалните работници добиваат поголема заштита, а сторителите на насилство и злоупотреба полесно и поефикасно се санкционираат.
Овој 3 март ја повторуваме пораката што ја носи глобалното движење: сексуалните работници се носители на права исто како и сите други. Правата мора да важат подеднакво за сите.
Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници за првпат се одбележал во 2001 година, кога повеќе од 25.000 сексуални работници се собрале на фестивал во Индија и јасно порачаа дека е време за промени и борба за поголема видливост, достоинство и социјална правда. Од тогаш, 3-ти март е глобален потсетник дека сексуалните работници не се невидливи, тие се луѓе еднакви пред законот, граѓани и носители на права.

