Одржан Маршот на црвениот чадор во Скопје по повод јубилејното одбележување на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници

Оваа година на 17-ти декември, во центарот на Скопје, по десетти пат беше одбележан Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. На улица Македонија беше одржан Марш на црвениот чадор и со цел да се потенцира загрижувачката состојба во која сексуалните работници живеат и работат. По тој повод, сексуални работници, активисти за човекови права и поддржувачи со црвени чадори во рацете маршираа од пред спомен куќата Мајка Тереза до плоштад Карпошово востание.

Одбележувањето на овој ден е од големо значење за сите сексуални работници со цел гласно да говорат против дискриминацијата и да ја подигнат свесноста кај пошироката популација која секојдневно поттикнува насилство и агресија кон оваа маргинализирана група на луѓе. Сексуалните работници апелираат да се запре насилството кое секојдневно го трпат, институциите и полицијата да почнат да ги заштитуваат и да се започне да се зборува јавно за сексуалната работа. Овој ден е посветен на нивната борба за подобра иднина, за поголема видливост и добивање на загарантираните човекови права.

Со паролата „10 ГОДИНИ ГЛАСНО ЗА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ“  иако во Македонија има силна и гласна заедница на сексуални работници и голем број на поддржувачи сепак сакаме да пренесеме порака која ќе допре до јавноста за проблемите со кои сеуште се соочуваме поради присуството на насилството од клиентите, малтретирањето од страна на полицијата, незаинтересираноста на институциите и неприфатеноста од општата јавност.

Ви пренесуваме дел од атмосферата преку фотографии.

Photo Credit: МИА

Tags: ,