На 09.04.2024 (вторник) во Граѓански ресурсен центар – ГРЦ ја одржавме последната работилница во рамки на кариерното советување за жени и навистина сме горди на учесничките кои успешно ја завршија осумнеделната тренинг програма за кариерен развој и советување – кариерни ангели.
Ни претставуваше големо задоволство, што токму на овој важен ден за кариерните ангели, вршителот на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Ерик Мејер, заедно со други претставници на амбасадата на САД, ни укажаа особена чест со нивното присуство. Вршителот на должност амбасадор на САД, Ерик Мејер им се обрати на учесничките и останатите присутни и упати честитки за успешно реализирана тренинг програма.
По успешно имплементирање на програмата за кариерно советување, учесничките се стекнаа со сертификати за успешно завршена обука и стекнати знаења за кариерен развој. По поминати 80 часа обука (теорија и пракса), учесничките развија вештини, ги осознаа сопствените интереси и вредности кои понатаму ќе ги искористат во остварување на своите кариерни цели и во процесот на интегрирање на пазарот на трудот.
Учесничките продолжуваат понатаму во остварување на своите кариерни цели, да придонесуваат во општеството, да бидат поддршка во кариерниот пат на други жени, при тоа работејќи го она што го сакаат.
Тренинг програмата која се состои од 16 работилници за кариерен развој, се спроведуваше во соработка со АСК – Асоцијацијата на советници за развој на кариера, и имаше за цел да им помогне на жените учеснички да стекнат вештини за реализација на сопствени кариерни цели и перспективи, притоа да се креира простор за создавање на континуирана интеграција на пазарот на трудот на овие жени.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите и не ги одразуваат оние на Владата на САД.