По четвртти пат, сексуалните работници во нашата земја се приклучуваат кон иницијативата за одбележување на 14-ти септември, Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници. По тој повод, како прв и единствен колектив на сексуални работници во земјата, споделуваме за постигнувањата и успесите кои не направија особено горди во изминатата година.
И покрај големите предизвици со кои се соочивме во 2021 година, која несомнено ја одбележа кризата со Ковид-19 пандемијата, успеавме да останеме доследни на тоа што го работиме, да ги застапуваме правата на сексуалните работници пред институциите и општата јавност и да лобираме за промени на законите кои ги таргетираат сексуалните работници. Декриминализацијата на сексуалната работа како најдобра правна рамка за унапредување на човековите, работничките и здравствените права на сексуалните работници беше наш примарен фокус на работа – процес на кој продолжуваме да работиме и во 2022 година.
Со цел да ја подобриме законската рамка и да создадеме подобри услови за живот и работа на сексуалните работници во земјата, останавме фокусирани на добрата соработка со домашни владини и меѓународни институции, агенции, коалиции и здруженија. За првпат во историјата на Република Северна Македонија, на 18.05.2021 година ја организиравме првата работна ПОП-АП вечера на иста маса помеѓу сексуални работници и високи претставници на државни институции, кои имаат надлежности на делување во областа на подобрување на состојбата на човековите права, третманот на сексуалните работници и декриминализацијата на сексуалната работа во нашата земја.
Во 2021 година, организиравме тркалезна маса со засегнати страни насловена „Приоритети за унапредување на услугите за сексуално и репродуктивно здравје за сексуалните работници во Северна Македонија“. Истата година, преку претставник на Здружението, а по препознаеност и покана на Министерството за правда, учествуваме на работен состанок на работната група за измени на Кривичниот законик. Дополнително, во рамки на неформалната Платформа за декриминализација на сексуалната работа, учествувавме во креирање предлог-измени во Кривичниот законик кои се однесуваат на сексуалната работа, а кои во рамки на Платформата за декриминализација ги доставивме до релевантното министерство.
Во 2021 година, по предлог на Претседателката на комисијата за ХИВ, а по одлука на Министерот за здравство на Република Северна Македонија, нашето Здружение преку свој претставник стана член на истоимената комисија. Комисијата има за цел да работи на креирање и унапредување на политиките за одржливост на континиуумот на ХИВ превенцијата помеѓу населението во земјата, во рамки на Програмата за ХИВ во надлежност на Министерството за здравство. Препознавањето на СТАР-СТАР од страна на стручните членови на Комисијата ја вреднуваме како чин со висока етичност за вклученост на најзасегнатите во Националниот одговор кон ХИВ.
Во 2021 година, го организиравме 14-тиот по ред Марш на црвените чадори, по повод одбележувањето на 17-ти декември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници. Со слоганот „Декриминализација КОГА?“ обраќајки се до институциите и јавноста, заедно со стотина сексуални работници, поддржувачи и граѓански организации, повторно го покренавме прашањето за ослободување на сексуалните работници од сите кривични и административни казни кои секојдневно им се закануваат. И оваа година, обезбедивме висока медиумска поддршка, а за настанот известија 56 национални интернет страници, портали, радија и телевизии.
Минатата година, СТАР-СТАР го објави и својот Десетгодишен извештај за програмите, активностите и финансиското работење на Здружението за периодот од 2010 до 2020 година “Декада на гласност, транспарентност и отчетност на сексуалните работници“ на што сме особено горди, а кој ги опфаќа клучните достигнувања на организацијата во својата мисија и делувања.
Со цел обезбедување поголема поддршка и зголемување на видливоста на сексуалните работници, СТАР-СТАР стана рамноправна членка на ЕРА– Асоцијација за еднакви права на ЛГБТИ заедницата во Западен Балкан и Турција, со тоа успешно ја завршивме претходната година со стремеж за идни вмрежувања и активно членство и во други национални и меѓународни мрежи и конзорциуми.
Продолжуваме и понатаму да работиме на зголемување на видливоста на нашата заедница и ја продолжуваме борбата за признавање на нашите права. Продолжуваме да градиме успеси кои и понатаму ќе не прават горди како колектив на сексуални работници.
Иницијативата за одбележување на Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници, ја покрена NSWP (The Global Network of Sex Work Projects), и овој ден за првпат беше одбележан во 2019 година. Овој значаен ден има за цел да го слави самоопределувањето и зголемената видливост на заедницата на сексуалните работници и да ги покаже сите достигнувања на меѓународните организации предводени од сексуални работници во изминатата година.