Сексуалните работници во Република Северна Македонија сѐ уште се една од најранливите и најмаргинализиранитекатегории на граѓани во општеството и се изложени на институционална дискриминација и јавна осуда. Институционалната дискриминација со која се соочуваат сексуалните работници креира негативни ставови за македонскиот правосуден систем, па во најголема мера сексуалните работници воопшто не веруваат дека институциите се ефикасни во заштита на нивните права и дека законите се спроведуваат праведно. Повеќето од нив се убедени дека правниот систем не функционира еднакво за сите граѓани и овие ставови се причина за слабата мотивација кај сексуалните работници за поведување на постапки и истрајност во заштита на нивните права и докажување на дискриминацијата.
Дополнително како причина за слабиот одговор на заедницата за документирање и водење постапки за дискриминација, е токму егзистенцијалниот ризик и приоритетот да обезбедат основна егзистенција, наместо да водат битки со институциите. Од друга страна, согласно ограничените надлежности и препораките кои ги дава Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, сексуалните работници не добиваат силна мотивација, бидејќи од тоа не добиваат материјална корист. Понатаму, институционалните лавиринти, долгото време за процесирање на случаите и потенцијалните ризици за откривање на нивната професија пред семејствата и пријателите се бариера која ги оддалечува од институционалните системи на заштита.
„Нема никаква приватност, ако отидам да пријавам, може ќе ме дознаат која сум во јавност, па дури и семејството“ – трансродова сексуална работничка.
За да одговори на оваа состојба во која се наоѓаат сексуалните работнички, во рамки на проектот „Охрабрени сексуални работници против дискриминација“, СТАР–СТАР Скопје во периодот од февруари до јули 2023 година, реализираше низа активности кои имаа за цел да ги зајакнат и унапредат принципите на недискриминација и еднаквост на човековите права на сексуалните работници преку интервенции во кои самите се вклучени и се активни чинители како носители на права.
Во месец март, се реализираа две еднодневни обуки за управните и раководните структури на Здружението СТАР-СТАР Скопје и лидерите во заедницата со цел да се зајакнат организациски капацитети и да се зајакне довербата на сексуалните работници во препознавање и користење на механизмите за заштита од дискриминација. На двете обуки присуствуваше и член претставник на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кој ја објасни нејзината улога и надлежностите во унапредувањето на правата на сексуалните работници, како и постапките во заштитата од дискриминација.
Водени од проблемите со кои се соочува заедницата во насока на препознавање на прекршувањето на нашите права и запознавање со постоечките механизми за правна заштита и остварување на правда, како и потребата за подигање на довербата во функционалноста на институционалните практики за заштита од дискриминација, спроведовме акција помеѓу заедницата и реализиравме неколку теренски посети преку кои дистрибуиравме промотивни картички со информации за документирање и поведување на случаи на дискриминација.
При спроведувањето на акцијата за охрабрување и активно вклучување на сексуалните работници во борбата против дискриминацијата, наидовме на слаб интерес од страна на нашата заедница во насока на документирање и поведување на случаи на дискриминација пред КСЗД и други надлежни институции. Иако видувањата и резултатите од теренските посети укажуваат на случаи на насилство, малтретирање и дискриминација врз сексуалните работници, од страна на нивните партнери, семејства, клиенти и слично, сепак недовербата во институциите, институционалната дискриминација и стравот од двојна виктимизација, ги спречува да бараат заштита на своите права по институционален пат.
„Кога и да побарав помош во институциите ме избегаваа пошто знаат со што се бавам, нема професионалност, дискриминираат и исмеваат и затоа не одам“ – сексуална работничка.
Сето ова укажува на фактот дека сѐ уште е потребно да се работи на зајакнување на довербата на оваа заедница во институциите, како и на сензибилизација на пошироката јавност за прашања поврзани со сексуалната работа, што ќе ја ублажи дискриминирачката околина на долг рок и ќе придонесе кон суштински општествени промени важни за сексуалните работници. Дополнително, потребно е да се работи и со институциите во однос на пристапот кон маргинализираните заедници и начините на документирање на случаи, сѐ со цел да им се овозможи поголема дискретност на сексуалните работници во процесот на документирање и поведување на случаи на дискриминација.
Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а финансиран од Европската унија.