По петти пат, сексуалните работници во нашата земја се приклучуваат кон иницијативата за одбележување на 14-ти септември, Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници. По тој повод, како прв и единствен колектив на сексуални работници во земјата и на Балканот, споделуваме за постигнувањата и успесите кои не направија особено горди во изминатата 2022 година.
СТАР-СТАР со своето делување во 2022 година беше фокусирана на решавање или намалување на проблемите со кои се соочува нашата заедница, а кои придонесуваат кон развојот на демократско и праведно општество во Северна Македонија. Преку мапирање на проблемите на женските, машките и трансродовите сексуални работници ги насочивме и нашите програмски интервенции и активности, со цел да ја унапредиме законската рамка која ги третира потребите на сексуалните работници, да ја зголемиме видливоста на сексуалните работници и сексуалната работа како работа во општеството, како и да им се овозможи сеопфатна грижа и поддршка за сексуалното и репродуктивното здравје и олеснет и адекватен пристап до социјална и правна заштита.
Во насока на зголемување на поддршката за сексуалните работници со цел остварување на социјалните права и зголемување на пристапот до социјална заштита, во јануари 2022, повторно го активиравме сервисот за социјално советување и поддршка за сексуалните работници во Скопје, Гостивар и Струмица. Преку овој сервис, беа овозможени 438 услуги од социјалната заштита и права на сексуални работници.
На 3-ти март, токму на денот на одбележување на Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници го одржавме Годишното собрание за членовите на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје за деловната 2021 година, на кое усвоивме важни стратешки документи, меѓу кои и Колективниот став за правна регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје. Во рамки на кампањата за одбележување на овој значаен ден за сексуалните работници, организиравме и втора хуманитарна онлајн аукција „АКЦИЈА ЗА РЕАКЦИЈА 2“, со цел да и обезбедиме директна поддршка на нашата заедница, особено на сексуалните работници кои сè уште ги чувствуваат последиците од социо-економската криза предизвикана од КОВИД-19.
Традиционално, на 17-ти декември, организиравме Марш на црвените чадори, одбележувајќи јубилеј – 15 години Марш на црвените чадори, со слоганот 15 ГОДИНИ КОЛЕКТИВЕН ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ НАС. Во рамки на кампањата, направивме ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата.
Иницијативата за одбележување на Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници, ја покрена NSWP (The Global Network of Sex Work Projects), и овој ден за првпат беше одбележан во 2019 година. Овој значаен ден има за цел да го слави самоопределувањето и зголемената видливост на заедницата на сексуалните работници и да ги покаже сите достигнувања на меѓународните организации предводени од сексуални работници во изминатата година.