Во рамки на кариерното советување за жени во социјален ризик, нашите кариерни ангели досега поминаа низ осум сесии (15.02-14.03.2024) од Обуката за кариерни советнички (кариерни ангели) помеѓу маргинализирани жени во Северна Македонија, и се стекнаа со вештини и знаење за развој и остварување на својата кариера и професионални цели.
Преку истражување на сопствените капацитети, интереси и вештини, осумте учеснички, претставнички на маргинализирани заедници, креираа појасна визија за своите посакувани професии и работни околности.
Во процесот на самоспознавање, тие ја зголемија свесноста за околината, можностите и предизвиците околу нив имајќи ги во предвид своите јаки и слаби страни, кои понатаму ќе ги искористат во постигнување на своите професионални цели.
Преку истражување на пазарот на трудот, учесничките се здобија со знаење и можност за идентификување на своите вештини за потенцијални кариери, како и правилно да донесуваат одлуки со цел да преземат нови чекори во својата идна професија или занимање.
Оваа обука, која ја спроведуваме во соработка со АСК – Асоцијацијата на советници за развој на кариера, има за цел да им помогне на жените од социјален ризик да стекнат вештини за реализација на сопствени кариерни цели и перспективи, притоа да се креира простор за создавање на континуирана интеграција на пазарот на трудот на овие жени.
Програмата по која се реализира осумнеделната обука е дизајнирана да обезбеди релевантен одговор на потребите и да придонесе за намалување на стапките на невработеност кај ранливите и маргинализираните жени во Северна Македонија.
Обуката за кариерни советнички (кариерни ангели) помеѓу маргинализираните жени во Северна Макеоднија ја спроведуваме во рамки на проектот Кариерни ангели – Иновативен модел за развој на кариера наменет за жени во социјален ризик.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите и не ги одразуваат оние на Владата на САД.