Во Република Северна Македонија, доброволната сексуална работа е забранета преку законски одредби со кои примарно се засегнати сексуалните работници. Основна причина за уредувањето на ваква криминализирачка законска рамка е пред сѐ моралната загриженост за општествено неприфатливото и спротивно на традиционалните вредности однесување. Голем број сведоштва објавени во медиумите, во извештатите на бранителите на човековите права, како и на организациите на заедницата на сексуални работиници во давањето правни и социјални услуги, детектираат дека сексуалните работници најчесто се соочуваат со насилство и повреди на човековите права од институциите и од трети лица, што директно влијае на нивната безбедност при работата, но и во нивниот секојдневен живот.
Поради ваквата состојба, веќе повеќе од 15 години, заедницата на сексуалните работници, здруженијата на граѓани и нивните застапувачи, се залагаат за промена на законските решенија со кои се третира сексуалната работа, односно усвојување на законско решение со кое доследно ќе се почитуваат правата на сексуалните работници, ќе се обебзедат безбедни услови за работа преку кои ќе се заштити нивното здравје, а во случај на повреда на нивните права ќе имаат непречен пристап до правда. Со други зборови, заедницата на сексуалните работници се залага за декриминализација на доброволната сексуална работа.
Сексуалните работници се можеби едни од најмаргинализираните корисници на социјалните права и услуги, етикетирани и стигматизирани во рамки на системот на социјална заштита, пред сè поради високиот степен на осуда, отфрленост, како и стереотипизацијата на нивната професија. Оваа заедница е принудена да наоѓа свои начини и стратегии на преживување, кои честопати водат и кон неконвенционални модели на опстанок, но и голем број ризици.
Оваа анализа ќе се обиде да ги претстави состојбите во казнената и социјалната правна рамка во Република Северна Македонија и да даде соодветни препораки за надминување на состојбите, а во насока на почитување и заштита на правата на сексуалните работници во остварувањето на правата, пред сѐ од областа на социјална заштита.
Воедно, во оваа анализа исто така ќе се обидеме да посветиме внимание на искуствата на заедницата на сексуални работници во поглед на бариерите со кои се соочуваат во остварувањето на нивните социјални права и пристапот до услуги, и во таа насока да одговориме со соодветни препораки за надминување на детектираните пречки.
Меѓу другото, анализата ќе даде и свои гледишта за начинот и улогата на медиумите во дестигматизацијата на оваа професија и зајакнувањето на јавната свест во смисла на правење јасна разлика помеѓу доброволната сексуална работа и трговијата со луѓе.
Ова истражување беше развиено од граѓанската организација СТАР-СТАР Скопје, како единствена организација предводена од заедницата на сексуални работници и беше спроведено помеѓу сексуалните работници од страна на членови од заедницата, како единствен модел кој на структуриран начин може да обезбеди веродостоен преглед на податоци, информации и искуства прибрани директно од заедницата, како најзасегната.
Издавањето на оваа публикација е во рамки на стратешките програмски активности на организацијата согласно Стратешкиот план за периодот 2022-2025 со поддршка од фондацијата Red Umbrella Fund.
Извештајот од истражувањето е достапно на македонски и англиски јазик и во целост може да се прочита/преземе на следниот линк: