Како и секоја година, по повод одбележувањето на 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, ние, сексуалните работници се приклучуваме на глобалното движење во борбата за социјална правда и почитување на правата на сексуалните работници како во Република Северна Македонија, така и на глобално ниво.
Основа за современите човекови права е дека сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинството и правата. Без оглед на причините, сексуалните работници кои доброволно се занимаваат со сексуална работа, треба да се третираат со достоинство и да ги уживаат правата на заштита на работните односи и на работното место. Меѓутоа, сексуалните работници во нашето општество се социјално маргинализирана група на граѓани, која се соочува со силна стигма и дискриминација и со чести повреди на човековите права. Како последица од непрепознавањето на сексуалната работа како секоја друга професија, непостоењето прецизни закони за регулација на сексуалната работа во однос на нашите работнички права, како и нееднаквиот третман кон заедницата на сексуални работници не поттикнува во се поголем број од година во година да се бориме за своите човекови права.
Со приклучување кон глобалното одбележување на 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, се стремиме да ја истакнеме важноста и потребата од декриминализација на сексуалната работа како најдобра политика за унапредување на нашите човекови, работнички и здравствени права.
Во рамки на овогодинешната кампања, по повод одбележувањето на 3-ти март-Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници и по повод 8ми март – Меѓународниот ден на жените, ќе организираме хуманитарна онлјан аукција „Акција за реакција 2“ со цел да им обезбедиме директна поддршка на сексуалните работници кои се уште ги чувствуваат последиците од социо-економската криза предизвикана од КОВИД-19.
Оваа година, СТАР-Прв колектив на сексуални работници на Балканот, ќе ја одржи и седницата на Годишното собрание на членовите на Здружението за деловната 2021 година, токму на денот на одбележување на Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници.
Како трета активноста во рамки на кампањата, ќе поделиме и промотивни пакети и лифлети за промоција на сервисот за социјално советување и поддршка помеѓу заедницата на сексуални работници со цел остварување на социјалните права на сексуалните работници и зголемување на пристапот до социјална заштита.
Сексуалните работници од целиот свет го одбележуваат 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници. Идејата за одбележување на овој ден датира уште од 2001 година, кога повеќе од 25,000 сексуални работници се собрале на фестивал во Индија. Како организатор на целиот настан стои Комитетот на сексуални работници Durbar Mahila Samanwaya со седиште во Калкута, чие членство брои повеќе од 50,000 сексуални работници. Оттогаш, секоја година се слави 3-ти март од страна на сексуалните работници, нивните поддржувачи и активисти од целиот свет.