Денеска го одбележуваме 20-ти ноември, Меѓународниот ден на сеќавање на трансродовите жртви на насилство и убиените транс лица – Transgender Day of Remembrance.
Активистичките движења насекаде низ светот на овој ден се сеќаваат на случките од минатото, со надеж дека нема да се повторат. Со жалење би сакале да истакнеме дека бројот на убиени транс лица насекаде низ светот е во пораст. Од 1ви октомври, 2018 до 30ти септември, 2019 се забeлежани 331 убиство на трансродови лица, што значи 3314 убиства од омраза во 74 земји, од 2018 година, дел од нив на исклучително сурови и брутални начини. Во оваа бројка, најголем е бројот и ризикот кај транс лицата кои се сексуални работници/чки и излишно е да се каже дека оваа група граѓани секако и без тоа се наоѓа во голем број ризици наложени од неинклузивните општествени политики и практики. Изрично бараме од граѓаните, од активистите, од институциите, да направат сѐ што е во нивна моќ за овој тренд да престане! Транс движењето во Македонија расте и се зајакнува, и одбиваме да бидеме мета, одбиваме да бидеме жртви!
По повод одбележувањето на 20ти ноември, TransFormA – Инцијатива за правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија, организира настан посветен на сеќавањето на Лора Фер, во нејзина чест, како прва активистка за правата на трансродовите лица и сексуалните работници/чки. Лора не е со нас, меѓутоа споменот за неа и нејзиниот придонес останува и понатаму. Ќе се потсетиме на неа преку слики, звуци и предмети и ќе оставиме зад нас цврста решеност дека нема да заборавиме што е направено, и нема да отстапиме од она што треба да се направи, она за што и таа се залагаше. Настанот ќе се оддржи во Јавна соба во Скопје, со почеток во 20:00 часот.[:]