14 Септември – Меѓународен ден на гордоста на сексуалните работници 2025

Како прв и единствен колектив на сексуални работници во земјата и на Балканот, на 14-ти септември, по седми пат, со гордост се приклучуваме кон глобалната иницијатива за одбележување на Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници, истакнувајќи ги нашите најзначајни достигнувања од изминатата 2024 година.

Во една година исполнета со предизвици, но и со моќни акции, ја продолживме нашата мисија: да се избориме за права, видливост, заштита и достоинство за нашата заедница.

Што постигнавме во 2024?

1. Го изготвивме првиот документ за дигиталните права на сексуалните работници во Северна Македонија

По повод 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, ја објавивме Анализата на правната рамка за дигитална безбедност и дигитални права, со што ги отвораме темите за заштита на приватноста, онлајн насилството и дигиталната маргинализација.

2. Успешно ја реализиравме 8-неделната тренинг програма „Кариерни ангели“

Во партнерство со АСК – Асоцијацијата на советници за кариера, 20 жени завршија интензивна програма од 80 часа обука. Стекнаа практични вештини, самодоверба и визија за сопствениот кариерен пат, со цел интеграција на пазарот на трудот.
Проектот беше поддржан од Амбасадата на САД.

3. На 2-ри јуни – Меѓуанродниот ден на сексуалните работници, спроведовме дигитална видео-кампања против дезинформации

Со објава на 5 кратки видеа, испративме јасна порака: стигмата и лажните наративи нема да не дефинираат. Создадовме позитивни приказни за сексуалната работа и охрабривме отворен дијалог на социјалните медиуми.

4. Организиравме работилници за дигитална безбедност во Струмица, Битола и Скопје

Во рамки на работилниците за дигитална безбедност во Струмица, Битола и Скопје, обезбедивме информации, алатки и ресурси за лична заштита во дигитален контекст – особено важни во услови на зголемени ризици и онлајн насилство.

5. Го презентиравме извештајот Искуства, знаења и потреби на сексуалните работници во РСМ при остварување на човековите права од социјалната и здравствената заштита

Во рамки на проектот „Национална имплементација на Глобалната рамка за социјална заштита и сексуално и репродуктивно здравје и права за 2024 година,“ поддржан од регионалната мрежа SWAN го пресентиравме извештајот од терен – гласот на заедницата, преточен во податоци и препораки.

6. На 17-ти декември, со уметност повикавме на поддршка

По повод Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, ја реализиравме уметничката акција и перформанс „Тивки Црвени Соби“ – симболичен чин на отпор и повик за солидарност, разбирање и прекин на тишината околу насилството.

Иницијативата за одбележување на Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници, прв пат одбележан во 2019 година, е покрената од страна на NSWP (The Global Network of Sex Work Projects). Овој значаен ден има за цел да го слави самоопределувањето и зголемената видливост на заедницата на сексуалните работници и да ги покаже сите достигнувања на меѓународните организации предводени од сексуални работници во изминатата година.