На 2-ри јуни го одбележуваме Меѓународниот ден на сексуалните работници, во чест на сексуалните работници ширум светот и борбата за признавање на сексуалната работа како труд и занимање. Овој ден се смета за симболично раѓање на активистичкото движење на сексуалните работници во борбата за заштита на нашите основни човекови права.
Со одбележувањето на овој значаен ден за сексуалните работници, ја започнуваме кампањата „Месец на сексуалните работници“ во чии рамки ќе организираме отворени јавни настани во три градови во Македонија:
- „Жива библиотека со сексуални работници“ во Струмица на 09.06.2023 (петок), во Европска куќа – Струмица;
- „Жива библиотека со сексуални работници“ во Гостивар на 16.06.2023 (петок), во Граѓански ресурсен центар Гостивар, и
- „Жива библиотека со сексуални работници“ во Скопје на 23.06.2023 (петок), во Европска куќа – Скопје.
Целта на настанот „Жива библиотека со сексуални работници“ е да се сензибилизира пошироката јавност за правата на сексуалните работници, организиран според концептот „жива библиотека“ кој овозможува интерaкција меѓу луѓето како алатка за намалување на предрасудите и стереотипите во безбеден јавен простор. На настанот, посетителите од општата јавност ќе имаат можност да ги слушнат личните приказни на сексуалните работници и да прашаат за нивните искуства.
Овој пат на еден поинаков начин ќе го отвориме прашањето за важноста за признавање на правата на сексуалните работници во нашето општество, како и за препознавање на сексуалната работа како и секоја друга. Применувајќи го концептот на жива библиотека ќе ги разбиеме стигмата и предрасудите. Настанот е од отворен карактер и присуството е бесплатно. Сѐ што треба е да одвоите два часа, да не посетите, да поразговараме и да ги слушнете нашите животни приказни.
Доколку сакате да присуствувате на настанот, Ве молиме потврдете го Вашето присуство со пополнување на формуларот на следниов ЛИНК, и потоа ќе Ви испратиме подетални информации за настанот.
Настанот се организира во рамки на проектот „Охрабрени сексуални работници против дискриминација“ кој има за цел да го зајакне граѓанскиот одговор со кој се промовираат и унапредуваат принципите на недискриминација и еднаквост на човековите права на сексуалните работници. Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а финансиран од Европската унија.