Тркалезна маса – Приоритети за унапредување на услугите за сексуално и репродуктивно здравје за сексуалните работници во Северна Македонија

На 23.08.2021 година преку платформата ZOOM, СТАР-СТАР Скопје организираше тркалезна маса на која беа презентирани наодите и препораките од извештајот за истражувањето „Проценка на компатибилноста на постоечките услуги за сексуално и репродуктивно здравје со потребите на сексуалните работници во Северна Македонија“.

На тркалезната маса беа поканети и учествуваа повеќе засегнати страни како релевентни институции, агенции и претставници од граѓанскиот сектор. Пред учесниците беа презентирани податоците и наодите од истражувањето поврзани со организацијата на давањето услуги за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) на сексуални работници во граѓанските организации, како и перцепциите и ставовите на сексуалните работници за постоечките услуги за СРЗ во граѓанските организации со нивните потреби. Извештајот од истражувањето беше презентиран од Ненад Мицов, програмски раководител во СТАР-СТАР Скопје и Моника Тасевска,  активистка за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници и членка на Управниот одбор на СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот.

При тоа беа утврдени приоритетите за унапредување на услугите за СРЗ за сексуалните работници во Северна Македонија, кои произлегоа и од консултацијата со заедницата за време на спроведувањето на истражувањето:

  1. Бесплатни услуги
  2. Давателот на услуга да не осудува
  3. Тестовите да се спроведуваат доверливо
  4. Сексуални работници да се вклучени како лица кои даваат услуги за СРЗ
  5. Достапност на ПАП тест и тестови за бременост за жени сексуални работнички
  6. Приватноста да се почитува
  7. Давателот на услуга да се однесува пријателски со почит и може да му се верува
  8. Да се чувствувам добредојдено во граѓанската организација која дава услуги за сексуално и репродуктивно здравје;
  9. Давателот на услуга да користи јазик што е разбирлив за мене;
  10. Достапност на услуги за ХИВ
  11. Третманот да е ист без разлика на сексуална ориентација, родов идентитет, социјална позадина, итн.
  12. Чистота на тоалетот;
  13. Моите проблеми се ислушани
  14. Консултацијата не може да биде слушната или видена од други клиенти или вработени
  15. Достапност на итна контрацепција за жени

Дополнително во консултација со граѓанскиот сектор, ова истражување потврди дека во граѓанскиот сектор услугите за СРЗ за сексуалните работници се даваат со особен фокус на обезбедување достоинство, доверливост и приватност на клиентите, што од друга страна беа мапирани како клични приоритети и од сексуалните работници.

Со активностите за застапување, сите засегнати страни, а особено носителите на одлуки и политики, треба да придонесат кон имплементација на препораките кои произлегоа од наодите и анализата на истражувањето во насока на унапредување на услугите за СРЗ за сексуалните работници.

Ова истражување беше спроведено во рамки на проектот „Национална имплементација на SWIT алатката“ кој го спроведува Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје, а е поддржан од  SWAN – Мрежата за застапување за правата на сексуалните работници во источна Европа и централна Азија.