Трансродовоста како идентитет и сексуалната работа како професија се нераскинлив дел од „непризнаениот” пазар на труд во кој лицата со поинаков идентитет работат поинаква професија, во поинакви услови.
И покрај значителните унапредувања во доменот на видливоста и можноста отворено да говориме за својот идентитет и професија, трансродовата и заедницата на сексуалните работници, сè уште, значително, се соочуваат со структурна социјална исклученост. Кога стануваат видливи за општеството, трансродовите жени особено се подложни на продорна трансфобија во социјалната сфера и наидуваат на разорна дискриминација.
Си го поставуваме честопати прашањето зошто трансродовите жени многу често или најчесто завршуваат во сексуалната индустрија? Избор ли е, страст ли е, принуда ли е? Всушност, трансродовите жени имаат долги и нераскинливи врски со заедницата на сексуалните работници и тие биле и темел на многубројни движење за борба за правата на оваа заедница.
Многу млади трансродови жени, заради својот родов идентитет и родов израз, се прогонувани од својот дом од страна на своите најблиски. Други пак, свесни за срамот кој што ќе го трпи семејството заради доминантната конзервативна култура во однос на различноста, одлучуваат по своја волја да заминат од дома. Па така, во присуство на потсмев и дискриминација на мејнстрим пазарот на труд, а во отсуство на формално образование и соодветни ресурси да започнат самостоен живот кој би подразбирал и слобода во израз на нивниот идентитет, сексуалната работа претставува прв или последен избор на професија кој во прва рака, не бара професионални квалификации, туку вештини на снаоѓање.
Оттука, заради широко распространетата двојна стигматизација и угнетеност, трансродовите жени кои се сексуални работнички се најранливите жени во сексуалната работа, речиси во сите земји. Сексуалната работа е сектор кој носи висок ризик, а работничките во секторот кој е обезаконет, директно ги трпат последиците од омразата кон „курвите“. Во Македонија пак, да се биде трансродова жена – сексуална работничка Ромка, значи тројно угнетување. Ве угнетуваат затоа што се однесувате различно или промовирате различен идентитет од идентитетот кој што ви бил впишан при раѓање, ве угнетуваат заради тоа што избравте како ќе заработувате и ве угнетуваат заради вашата боја на кожа или етникум.
Од друга страна, пркосејќи и на двојната стигматизација, системското угнетување и насилството, многу трансродови жени, далеку од дома, продавајќи сексуални услуги во замена за добра или пари, во новонастаната слобода наоѓаат задоволство. Заработуваат доволно за да ги платат трошоците за своето домување, високо образование, да ги унапредат своите јазични и говорни вештини, да основаат заедница, да си обезбедат хормонска терапија или пак на свој товар да ги понесат евентуалните хирушки зафати за потврда на полот или други можни естетски зафати. Некои од нив, ќе се вратат дома. Но, многумина ќе останат во индустријата, самостојни и свои, зашто, наспроти популарните ставови, и сексуалната работа нуди кариера.
Иако помалку, некои од нив, ќе излезат од сексуалната работа, но никогаш нема да се откажат од борбата за права во сексуалната работа. Веројатно, низ граѓански ангажман, ќе се посветат на решавање на проблемите со кои живееле. Ќе нудат системски решенија, ќе креираат здравствени политики, ќе учествуваат во креирање на јавното мислење и ќе ги застапуваат правата на своите заедници промовирајќи позитивна перцепција во јавниот дискурс, со тоа, подобрувајќи ја состојбата и животите на сите сексуални работици и работнички.
Пишува: Борче Божинов
Извор: ТрансФормА