Трансродова сексуална работничка од Северна Македонија: Клиентите ме прифаќаат, а општеството ме осудува!

Кога започна да се занимаваш со сексуална работа и зошто?

Со сексуална работа започнав да се занимавам на мои 19 години, кога свесно заедно со пријателка влеговме во таа индустрија. Дојде другарката и ми кажа дека има некаква идеја која можеме лесно да ја реализираме само треба јас да се согласам. Кога ми ја спомна сумата која треба да ја земам од клиентот без размислување прифатив. Мотивот ми беа финансиите, но и среќавањето со многу луѓе, за после одреден период да ја засакам целосно работата и да не се откажувам од истата.

Како беше чувството кога се сретна со твојот прв клиент?

Искрено ми беше малку страв да не биде тоа некој кој го познавам бидејќи живееме во осудувачко општество. Но, за среќата првиот клиент не го познавав. Малку ми беше срам, но помина сѐ најдобро.

Колку години се занимаваш со сексуалната работа и дали клиентите ти прават проблеми дека си трансродово лице?

Со сексуална работа се занимавам повеќе од 10 години. Клиентите кои доаѓаат кај мене имаат претстава која сум и што сум бидејќи со секое јавување јас им објаснувам дека сум трансродово лице и доколку не им пречи доаѓаат. Проблем во однос на мојот родов идентитет досега сум немала од страна на клиент.

Илустрација: Естер Шолма

Дали некогаш си била нападната (физички, сексуално, психички)?

Да, од прилика пред 7 години бев сексуално малтретирана (силувана) од страна на 3 клиенти кој ме присилија да имам секс со сите тројца. Беа пијани и не можев да се справам со тоа. Одма после случката се јавив кај адвокатка да му објаснам што ми се случило, но не можев да поведам постапка бидејќи еден од нив беше малолетен во тој период и адвокатката се плашеше дека ќе ја свтрат целата приказна против мене.

Дали се случило некој да побара сексуална услуга од тебе без кондом?

Тоа се случува речиси секојдневно, но мојот став околу тоа е дека никогаш нема да добијат услуга без кондом. Бидејќи првенствено се грижам и заштитувам за моето сексуално и репродуктивно здравје, па потоа за здравјето на моите клиенти.

Дали заработуваш доволно од сексуалната работа?

До пред пандемијата слободно можам да кажам дека се заработуваше и повеќе од доволно, но со пандемијата многу работи се сменија па и во сексуалната работа.  Јас се плашам од клиентите, тие се плашат од мене во поглед на пренесување на коронавирусот, бидејќи ниту јас знам дали тие се штитат, ниту пак тие знаат дали јас се заштитувам. Во последната година работам само со клиенти кои подолго време ги користат моите услуги.

Како влијаеше пандемијата со КОВИД-19 на твојата работа?

До пред пандемијата работев сама, но од кога почна пандемијата работата сосема се намали и морав да барам решение во однос на месечните трошоци кои ги имам околу плаќање на кирија и режиски трошоци, па морав да се здружам со друга сексуална работничка за да ги делиме тие трошоци. Но и се чувствувам побезбедно кога знам дека некој има со мене на моето работно место и доколку имам проблем може да ми пружи заштита.

Дали некогаш си се соочила со некаква дискриминација надвор од твојата работа, поради тоа што си трансродово лице?

И тоа многу пати. Сум се соочувала со дискриминација и навредливи зборови од страна на  државни институции. Одењето по институциите каде морам да ги покажам моите лични документи ми претставува стрес при секое одење. Еднаш, се сеќавам во банка кога ја дадов мојата лична карта бев навердувана од страна на банкарската службеничка дека сум дала фалсификуван документ за лична идентификација. Кога бев да извадам нов извод поради промената на моето лично име и презиме наидов на потсмевање од страна на раководителот на одделот. Исто така, при полициска рутинска контрола бев навредувана дека сум била родена како машко што сега сум се правела со сила женско.

Дали имаш некаква заштита, правна или здравствена?

Правна и здравствена заштита добивам од граѓанските организации кои работат на подобрување на условите на сексуалните работници и трансродовите лица. Можам слободно да кажам дека таква заштита добивам првенствено од СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, потоа од Иницијативата за унапредување и заштита на правата на трансродовите лица ТрансФормА, од Коалиција Маргини, како и од организациите ХОПС и ХЕРА.

Како е да се биде трансродово лице во твоето опкружување?

Па искрено тешко е да си поразличен од другите, но во моето опкружување сите знаат дека сум трансродова личност и ме имаат прифатено таква каква што сум. Треба отворено да зборуваме за различностите за да не прифатат и остантите. Имам чувство дека многу луѓе не разбираат како е да се биде трансродово лице и со излегувања во јавноста мислам дека можеме да ги промениме нештата на подобро