SWAN оддржа регионална конференција за зајакнување на активистичкото движење и мобилизација на заедницата на сексуални работници преку SWIT алатката

SWAN, во соработка со ICRSE, организираше регионална конференција за зајакнување на активистичкото движење и мобилизација на заедницата на сексуални работници, преку програмата на RCF – имплементација на SWIT алатката од 8-10 октомври, 2019 во Будимпешта, Унгарија.

На конференцијата учествуваа претставници на Северна Македонија, Украина, Русија, Казахстан, Киргистан, и Грузија кои ја имплементираат SWIT алатката: Воведување на сеопфатни ХИВ/СПИ програми со сексуални работници.

Првите дневни дискусии се фокусираа на 3-годишниот напредок на RCF програмата, нејзините цели и задачи. Секоја земја направи презентација за преглед на нивните активности од 2016-2019 година, предизвици со кои се соочуваат, достигнувањата и информации за преземање на следни чекори.

Вториот и третиот ден беа посветени на размена на искуства и дискусии за зајакнување на активистичкото движење на сексуалните работници во регионот на централна и источна Европа и централна Азија, и стратегии за тоа како да се надминат главните предизвици конкретно за мобилизирање на заедницата на сексуални работници.

На завршниот дел од конференцијата, од сите учесници се побара да дадат изјави во однос на тоа со какво искуство ќе заминат во својата земја. Меѓу останатите, Лила Милиќ, претставник на СТАР- Првиот колектив на сексуални работници на Балканот ја даде следнава изјава:

“Од овој состанок, се враќам во мојата земја со поголеми искуства, за тоа како сексуалните работници од другите земји се справуваат со проблемите. Верувам дека нашите искуства за мобилизирање на заедницата во нашата земја, ќе се практикуваат во земјите каде што сексуалните работници се се’ уште во сенка. ”