На 23 ноември 2021 год, Мрежата за застапување на правата на сексуалните работници во Централна и Источна Европа и Централна Азија – SWAN, преку онлајн настан го одбележа затворањето на SWIT програмата поддржана од Robert Carr фондацијата. Одобрена од УН агенциите и Глобалната мрежа на проекти за сексуална работа – NSWP, SWAN ја промовираше алатката – “Воведување на сеопфатни ХИВ/СПИ програми со сексуални работници” (SWIT) во Централна и Источна Европа и Централна Азија во два циклуса, или вкупно шест години. Оваа алатка содржи упатство за ефикасна превенција на ХИВ и СПИ и ги оправдува причините зошто сексуалната работа треба да се декриминализира, и зошто сексуалните работници треба да се вклучуваат во креирање на јавните политики како партнери.
На онлајн состанок организиран од SWAN, учествуваа 21 претставник од организации од седум земји, во кои е промовирана SWIT алатката. Преку свои презентации сите претставници споделуваа искуства од работата на SWIT програмата во своите земји, за придобивките и пречките со кои се соочувале за време на имплементацијата, меѓу кои и претставник на СТАР- Прв колектив на сексуални работници на Балканот, Ненад Мицов, кој презентираше за придобивките од реализираните активности за сексуалните работници во Македонија, во рамки на националната имплементација на SWIT програмата.
СТАР во рамки на националниот проект реализираше шестмесечна програма за менторство со лидерите на локалната заедница. Беа реализирани вкупно 56 креативни работилници за готвење и разубавување со цел јакнење на капацитетите на сексуалните работници/чки. Во рамки на проектот „Национална имплементација на SWIT алатката“, СТАР спроведе истражување преку спроведени 40 интервјуа помеѓу заедницата на сексуални работници „Проценка на компатибилноста на постоечките услуги за сексуално и репродуктивно здравје со потребите на сексуалните работници во Северна Македониjа“.
Покрај препораките и практичните совети за спроведување на ХИВ и СПИ програми за сексуални работници, SWIT програмата имаше за цел да ги унапреди човековите права на сексуалните работници и нивниот пристап до здравје, имено до сервисите за превенција од ХИВ. Овие инвестиции беа клучни за човековите права на сексуалните работници. Следното прашање на кое ќе се фокусира идната програма на RCF е пристапот до социјална помош за сексуалните работници.