Колективната солидарност, поддршка и истрајност се најголемата гордост на сексуалните работници во Северна Македонија – 14 СЕПТЕМВРИ 2021

По повод 14 Септември – Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници, СТАР-Првиот колектив на сексуалните работници на Балканот ги сумира и одбележува постигнувањата и успесите во текот на годината на кои сме особено горди.

Во овој исклучително тежок период на пандемија од КОВИД 19, како заедница и како колектив се соочивме со различни предивици. Поради строгите законски ограничувања за време на пандемијата со КОВИД-19, сексуалните работници се соочија со губење на работата, драстично намалување на клиентите, а со тоа и губење на приходите од кои зависи езгистеницијата на нивните семејства. Како колектив на сексуални работници кој се залага и ја заштитува заедницата, се солидаризиравме и помогнавме на членовите од нашата заедница и нивните семјества.

Преку хуманитарната акција „ДОНИРАЈ, НЕ ДИСКРИМИНРАЈ“ и хуманитарната аукција „АКЦИЈА ЗА РЕКЦИЈА“ со поддршка од јавноста и општествено одговорни лица како познати писатели/-ки, модни креатори/-ки, уметници и дизајнери/-ки во 2020 година прибиравме средства наменети за справување со последиците од пандемијата со кои овозможивме континуирана поддршка во 2020 и 2021 година за лицата од заедницата кои се во исклучително тешка состојба од Скопје, Гостивар и Струмица. Со прибраните средства беа обезбедени пакети со прехранбено-хигиенски производи и парични ваучери за храна и хигиенски средства кои ги поделивме во повеќе хуманитарни акции.

Во текот на 2021 година продолжи со работа регионалниот параправен сервис кој дополнително даваше поддршка на членовите на заедницата од Скопје, Гостивар и Струмица во случаи на прекршувања на нивните човекови права и овозможуваше пристап и поврзување со останати услуги и сервиси за социјална и здравствена заштита.

Едно од најголемите постигнувања и покрај сите вонредни услови е организирањето на првиот поп-ап настан како креативна алaтка за застапување со цел да го свртиме политичкото вниманието кон процесите за декриминализација на сексуалната работа. Во мај 2021 беше организирана „ПОП-АП вечера“ кога за прв пат во историјата на нашата држава на иста маса седнаа претставници на институциите (Министерство за внатрешни работи, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за правда и Народниот правобранител) заедно со лица од заедницата и активисти со цел активно и значајно вклучување на сите засегнати страни во донесување на законски решенија во насока на декриминализација на сексуалната работа во Северна Македонија.

Исто така во 2021 година го издадовме програмскиот и финансискиот извештај за нашето работење во изминатата декада „Десетгодишен извештај за програмите, активностите и финансиското работење на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје за периодот од 2010 до 2020 година“ кој беше промовиран пред нашата заедница, партнери и поддржувачи на јубилејниот настан „Декада на гласност, транспарентност и отчетност на сексуалните работници“ одбележан на крајот од месец мај 2021.

Признание за нашата работа добивме и од независната продукција Aral Sea Productions, кои по направените интервјуа со неколку организации во светот кои работат на заштита на правата на сексуалните работници, одлучија да дојдат во Северна Македонија и да нѐ вклучат во документарниот филм „Beyond the Red Light“. Снимањето на глобалната приказна за декриминализација и дестигматизација на сексуалната работа започна во Скопје, Струмица и Гостивар во мај 2021 и ќе продолжи во декември 2021 за време на традиционалниот Марш на црвените чадори кој се случува на 17 Декемри.

Ние како колектив сме исклучително горди што во исклучително тежок период на пандемија од КОВИД 19 успеваме да застанеме на страна на нашата заедница и заеднички да продолжиме во нови успеси. Горди сме што оваа пандемија не нѐ спречи да се солидаризираме, не нѐ спречи да ја покажеме нашата хуманост и нашата заложба за правата на сексуалните работници.