Со маски и растојание Ве повикуваме на 17.12.2020 (четврток) со почеток во 18:00 часот, да го проследите уметничкиот перформанс на пет девојки пред жешките излози на Универзална сала кои за момент ќе Ви го доближат шармот на улицата на црвените фенери со борделите во Амстердам, но и на времето кога Скопје живеел боемски живот и се будел со првиот мрак и посетите на атрактивните сексуални работнички.
Овој тричасовен перформанс преку директен пренос ќе може да го следите на фејсбук страната на STAR – The First Sex Workers Collective in the Balkans, и на партнерите, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини.
Сексуалната работа во нашето општество е заградена со непробоен ѕид од предрасуди. (И)легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето се причината да ги губиме основните човекови права. Секојдневно сме изложени на насилство не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста што би требало да не заштитат. Голем дел од предизвиците за човековите права, слабостите и бариерите со кои се соочуваме ние сексуалните работници се должат на криминализацијата, рестриктивните закони, регулативи и практики. На оваа неправда Ве потсетуваме секој 17-ти декември, но овој пат похрабри, борбени, гласни, шармантни, силни, со совети како да си го зачувате здравјето!
Второто издание на SKOPJE RED LIGHT DISTRICT 2020 во организација на СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ , е поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија и SWAN – Sex Workers’ Rights Advocacy Network
и се организира во рамки на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
Настанот ќе се организира во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на настани од овој тип, со строго почитување на мерките за заштита од ширење на КОВИД-19 вирусот.
Линк до настанот: https://www.facebook.com/events/376566673631189