Здружение за поддршка на маргинализирани работници – СТАР-СТАР Скопје со гордост го најавува почетокот на новиот, четиригодишен проект: „Самоидентификуваните сексуални работнички во борба против сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки“
Проектот е поддржан со финансиски средства од UN Trust Fund to End Violence against Women, и претставува клучен чекор во нашата борба, во која самоидентификуваните сексуални работници, особено жените, девојките и трансродовите жени и девојки, конечно добиваат централно место и го креваат својот глас во борбата против сексуално насилство, експлоатација и трговија со луѓе.
Овој проект го отвора патот кон нашите заложби за зголемена видливост, заштита и системски промени што долго време им беа ускратувани на нашата заедница. Време е нашите гласови да бидат слушнати, нашите права почитувани, а нашата борба признаена.
Зошто е важен овој проект?
Во Северна Македонија, самоидентификуваните сексуални работнички се меѓу најмаргинализираните и најранливи групи. Иако се признаени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година, тие и понатаму се соочуваат со:
-
голема изложеност на сексуално насилство, трговија и експлоатација
-
стигма, криминализација и полициско малтретирање
-
системско исклучување од услуги и национални програми за превенција
Поради овие фактори, многу жртви на насилство или трговија остануваат непрепознаени и неподдржани, а нивните приказни потиснати од стравот од дополнително маргинализирање.
Проект воден од заедницата, за заедницата
Она што го прави овој проект уникатен е креаторството и водството од самите сексуални работнички. Од концепција до реализација, иницијативата е заснована на нивните искуства и знаења. Целта е да се создаде долгорочна, трансформативна промена преку:
-
Зајакнување – градење знаење и вештини за препознавање, спречување и одговор на насилство
-
Пристап – подобрување на пристапот до услуги за жртви на трговија и родово базирано насилство
-
Застапување – поттикнување на системски реформи што ги штитат правата и достоинството на сексуалните работници
-
Вклучување – обезбедување дека најмаргинализираните – како што се Ромките, ЛГБТИК+ лицата, луѓето кои живеат со ХИВ или користат супстанции – се активни учесници и поддржани
Нашите цели
Проектот директно придонесува кон широка општествена цел за искоренување на насилството врз жените и девојките преку:
-
Трансформација на социјалните норми и ставови што го овозможуваат насилството
-
Создавање побезбедни јавни и заеднички простори
-
Оспособување на жените и девојките со ресурси, вештини и лидерски можности
-
Јакнење на меѓусебната поддршка и одлучување во приватниот живот
-
Подобрување на институционалната одговорност и законската рамка
Проектот ќе се спроведува низ урбани и рурални средини во Северна Македонија, со посебен фокус на Скопје – каде што сексуалните работници се најзастапени, но се соочуваат со различни предизвици: од институционално прогонство до целосна отсутност на сервиси.
Преку директни интервенции и пошироки комуникациски активности, имаме за цел да:
-
Обезбедиме директна поддршка на најмалку 140 сексуални работнички
-
Допреме до над 300 дополнителни лица преку кампањи, настани и едукации
-
Работиме со институции и партнери за подобра идентификација на жртви, нови протоколи и конкретни политики
-
Обезбедиме одржливост преку градење капацитети и долгорочни партнерства
- Изградиме систем систем кој гледа, слуша и заштитува, без исклучоци.
Овој проект не е само одговор на состојбата на заедницата на сексуални работници во нашата земја, туку претставува и колективна заложба за иднина во која сексуалните работници се безбедни, почитувани и вклучени. Преку знаење, поддршка, застапување и соработка со институции и заедници, создаваме услови во кои насилството нема простор, а правдата станува реалност.