Во периодот јули-октомври 2023, СТАР-СТАР во партнерство со ТрансФормА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија, го имплементираше проектот „Мобилизација на заедницата со цел да се надомести намаленото финансирање и родовата нееднаквост во Националните програми за ХИВ за сексуалните работници во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Евроазиската коалиција на клучни популации (EKPC) во рамки на програмата „ХИВ и род“.
Во времетраење на проектот, успешно реализиравме низа активности кои имаа општа цел да придонесат во намалување на родовиот јаз во обезбедувањето програми за ХИВ за сексуалните работници и трансродовите лица во Република Северна Македонија:
- Вкупно 38 женски, машки и трансродови сексуални работници беа опфатени со ХИВ тестирање и советување во регионот. Со оваа активност, имавме за цел да ги отстраниме бариерите со кои се соочуваат клучните популации во пристапот до ХИВ сервиси во РСМ, на регионално ниво.
- Вкупно 12 лица од заедницата, сексуални работници и трансродови лица документираа случаеви на прекршување на човековите права. Со оваа активност имавме за цел да ги зајакнеме и охрабриме членовите на заедниците да документираат случаи на прекршување на човековите права.
- Развиен Извештај за политики за носителите на одлуки: Зајакнување на родовата чувствителност на Националната стратегија за ХИВ во Република Северна Македонија, достапен и на англиски, кој ги документира главните проблеми и бариери со кои се соочуваат клучните популации, меѓу кои и трансродовите лица, во пристапот до сервиси за ХИВ, и нуди конкретни насоки за препознавање и вклучување на трансродовите лица како клучна популација во националните стратегии и програми за ХИВ.
- Развиен Извештај со препораки: Намалување на родовите бариери помеѓу трансродовите лица во националните програми за ХИВ, достапен и на англиски, а со цел да се унапреди родовата чувствителност на програмите за ХИВ во Република Северна Македонија.
Проектот се спроведуваше како дел од регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (СоС_проект 2.0), имплементиран од конзорциум организации предводени од Алијансата за јавно здравје во партнерство со „100% живот“, финансиран од Глобалниот фонд.