Работилница за дигитална безбедност во сексуалната работа – Струмица 05.07.2024

На 05.07.2024, во Струмица, ја одржавме првата од серијата работилници за дигитална безбедност во сексуалната работа. Оваа работилница има за цел да ги зајакне капацитетите на сексуалните работници за справување со дигиталните закани врз човековите права.

За време на работилницата, учесниците имаа можност да се запознаат со основните концепти на дигиталната безбедност, како да ги заштитат своите лични податоци во дигиталниот свет согласно законската рамка, потоа како безбедно да ракуваат со сметки и лозинки и како да реагираат во случаи на повреда на дигиталните права. Покрај тоа, добија знаења за управување со дигитални архиви и техники за заштита на фотографии и други важни податоци кои можат да го нарушат нивното достоинство. На крај, преку работилницата учесниците се информираа за нивната слобода на изразување во дигиталниот простор и како безбедно да комуницираат преку интернет и други електронски средства.

 

Дополнително на работилницата, беше презентирана и Анализата на правната рамка во Република Северна Македонија во однос на дигиталната безбедност и дигиталните права на сексуалните работници, која служи како водич за разбирање на дигиталните права и за зајакнување на сексуалните работници во справување со предизвиците и бариерите во дигиталниот свет.

Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Отпорноста на сексуалните работници во дигиталната ера“ со цел да се зајакнат организациските и капацитетите на сексуалните работници за справување со дигиталните закани врз човековите права, со поддршка од фондацијата Hivos, преку грантовиот механизам Digital Defenders Partnership (DDP).

Tags: , ,