На 22 ноември 2024 година, во хотел Скопје Мериот, СТАР-СТАР Скопје одржа јавeн настан со цел презентација на извештајот „Искуства, знаења и потреби на сексуалните работници во РСМ при остварување на човековите права од социјалната и здравствената заштита“. Настанот го организиравме во рамки на проектот „Национална имплементација на Глобалната рамка за социјална заштита и сексуално и репродуктивно здравје и права за 2024 година,“ поддржан од регионалната мрежа SWAN.
Настанот беше отворен со поздравно обраќање од Лила Милиќ, претседателка на СТАР-СТАР Скопје, која ги истакна мисијата и визијата на организацијата. Присутните беа информирани за активностите и достигнувањата на СТАР-СТАР Скопје, како и за целта на истражувањето кое ја документира состојбата со правата на сексуалните работници од социјалната и здравствената заштита во РСМ.
Авторката на извештајот, Ива Михајловска, презентираше клучни заклучоци и препораки од истражувањето, кое опфати 50 сексуални работници преку прашалник за пристапот до социјалната и здравствената заштита. Наодите покажаа дека сексуалните работници се соочуваат со значителни пречки при пристапот до услуги поради стигма, дискриминација и недоволна институционална поддршка.
Драгана Дрндаревска, членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ја дискутираше важноста од меѓуинституционална соработка за обезбедување на услуги без дискриминација.
Учесниците активно дискутираа за тоа како може да се унапреди пристапот до здравствените и социјалните услуги преку подобрување на институционалните политики и практики.
Со овој настан потврдивме дека решавањето на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат сексуалните работници бара интегриран пристап, кој вклучува институции, граѓански организации и самата заедница на сексуалните работници. Извештајот и неговите препораки претставуваат важна основа за развој на инклузивни политики и услуги кои ги адресираат потребите на оваа маргинализирана група.
За повеќе детали, погледнете го целиот извештај: линк до извештајот
Фото кредит: Ванчо Џамбаски https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720322104831/