Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје на ден 27.11.2023 година, објавува Јавен повик за избор на експерт за развој и интеграција на стратегија за дигитална безбедност во организацискиот Стратешки план 2022-2025 на Здружението во рамки на процесот на ревизија на стратешкиот план во периодот ноември-декември 2023 година.
ВОВЕД
Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје е граѓанска, непартиска и непрофитна организација, колективно предводена од сексуални работници и претставува прв и единствен колектив од таков облик кај нас. СТАР-СТАР се залага за свет без насилство во кој жените, трансродовите и мажите сексуални работници вклучени во доброволната сексуална работа слободно живеат и работат, а почитувањето на нивните основни човекови права и слободи, се водечки принципи на демократско и праведно општество. При тоа, СТАР-СТАР ги мобилизира сексуалните работници за нивно активно учество во процесите на креирање политики и пракси кои ја третираат сексуалната работа.
Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Отпорноста на сексуалните работници во дигиталната ера“ со цел да се зајакнат организациските и капацитетите на сексуалните работници за справување со дигиталните закани врз човековите права, со поддршка од фондацијата Hivos преку грантовиот механизам Digital Defenders Partnership (DDP).
ОПИС НА ЕКСПЕРТСКИТЕ УСЛУГИ
Избраниот експерт треба да развие стратегија за дигитална безбедност на организацијата во рамки на процесот на ревизија на стратешкиот план и истата да биде интегрирана во ревидираниот Стратешки план 2022-2025.
Целта на оваа активност е да се изгради и воспостави организациска свесност и капацитети во одговорот кон заканите за човековите права во дигителната ера во единствената организација предводена од сексуални работници во Република Северна Македонија.
РАБОТНИ ЗАДАЧИ НА ЕКСПЕРТОТ
Ангажираниот експерт ќе ги има следниве работни задачи:
- Развој на стратегија за дигитална безбедност на организацијата во рамки на процесот на ревизија на организацискиот Стратешки план 2022-2025 и
- Интеграција на стратегијата за дигитална безбедност во ревидираниот Стратешки план 2022-2025.
Избраниот експерт работниот ангажман ќе го извршува во блиска соработка со лице назначено како претставник на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР, а по потреба и со останатите ангажирани лица во организацијата, во и вон канцеларијата на организацијата, користејќи алатки и платформи за работа на далечина.
ИНФОРМАЦИИ ЗА АНГАЖМАНОТ
За работниот ангажман кој се состои од вкупно 10 (десет) консултантски денови предвиден е надомест во БРУТО износ од по 150 долари (по еден консултантски ден) во денарска противвредност по курс утврден по прием на средствата од страна на донаторот, или вкупно надомест во БРУТО износ од 1500 долари за севкупниот ангажман, а врз основа на авторски договор за експертски услуги.
Краен рок за спроведување на работниот ангажман е 20.12.2023 година.
КВАЛИФИКАЦИИ И КРЕТИРИУМИ ЗА ИЗБОР
Експертот треба да ги поседува следниве квалификации и вештини:
- Одлично познавање на процесите за организациски развој и стратешко планирање и искуство во спроведување на такви процеси;
- Искуство како фасилитатор на процеси на стратешко планирање во граѓански организации;
- Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи.
Предност ќе имаат кандидатите со:
- Искуство или познавања од областа на правата на сексуалните работници или останати маргинализирани заедници во Република Северна Македонија.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
- Кратко писмо за интерес кое вклучува:
– Опис на искуството, квалификациите и вештините потребни за ангажманот и
– Предлог методологија со временска рамка за спроведување на ангажманот.
НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ
Документите со назнака на пораката Јавен повик за експерт – развој на стратегија за дигитална безбедност да се достават на електронската пошта: star.contact@yahoo.com најдоцна до 30.11.2023 година до 16:00 часот. Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани. Сите апликанти ќе бидат известени за резултатите од селекцијата за ангажирање на експерт по електронски пат најдоцна до 05.12.2023 година до крајот на работниот ден.