Повик за учество на работилница за развој на вештини за пристап до пазарот на труд

Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје во соработка со Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК организира еднодневна РАБОТИЛНИЦА ЗА РАЗВОЈ НА ВЕШТИНИ ЗА ПРИСТАП ДО ПАЗАРОТ НА ТРУД, која ќе се одржи на 05 јуни 2024 година (среда) во „Јавна соба“ во Скопје. Оваа работилница се одржува во рамки на проектот Кариерни ангели – Иновативен модел за развој на кариера наменет за жени во социјален ризик.

Целта на обуката е на жените од маргинализираните заедници и ранливи категории да им овозможи да стекнат знаења или да ги надоградат нивните вештините за активно барање на работа. Ги опфаќа следните теми:

– Поим за вработливост и активно барање работа,
– Подготовка на CV,
– Подготовка на мотивациско писмо и
– Подготовка за интервју со работодавач.

При тоа право на учество имаат жени во социјален ризик кои се дел од ромското и албанското етничко малцинство, сексуални работнички, трансродови жени, жени кои користат дроги, самохрани мајки, жени од рурални средини, жени мигрантки, бисексуалки и жени кои живеат со ХИВ, како и жени кои живеат во сиромаштија. Предавачи на обуката ќе бидат сертифицирани кариерни советнички од Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК, со кои Здружението има остварено успешна и плодна соработка.

По работилницата, се очекува учесничките самостојно да можат да пребаруваат огласи за работа, да идентификуваат соодветни работни места, да подготват кратка биографија или CV, мотивациско писмо, како и да стекнат корисни сознанија и вештини за самите да подготвуваат сопствени документи за барање на работа и како да се однесуваат на интервју на работа.

Работилницата е бесплатна за сите учеснички и ќе се одвива по однапред подготвена агенда во времетрање од 6 часа (од 11:00 до 17:00, со вклучени паузи). На работилницата ќе биде обезбеден по еден оброк и освежување, и ќе бидат покриени патните трошоци за секоја од учесничките.

Ве молиме доставете ги Вашите пријави преку овој формулар најдоцна до 31 мај 2024 година (петок).

Сите избрани учеснички ќе бидат информирани најдоцна до 03 јуни 2024 година (понеделник) за резултатите од селекцијата.