Посета на КСЗД со цел зајакнување на довербата на сексуалните работници во механизмите за заштита од дискриминација

На 20.07.2023 (четврток), во рамки на проектот „Охрабрени сексуални работници против дискриминација“, реализиравме две студиски посети во канцеларијата на КСЗД – Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Вкупно 12 сексуални работници во две групи беа на еднодневна посета на КСЗД, на која лично се информираа за нивната работа и надлежностите и остварија непосреден контакт со претставниците од Комисијата.

Оваа активност има за цел да придонесе кон зајакнување на довербата на сексуалните работници кон институциите и механизмите за заштита од дискриминација и охрабрување на заедницата да пријавуваат и поведуваат случаи на дискриминација.

Иако искуствата и резултатите од теренската работа укажуваат на случаи на насилство, малтретирање и дискриминација врз сексуалните работници, од страна на нивните партнери, семејства, клиенти и слично, сепак недовербата во институциите, јавната стигма и осуда, како и стравот од двојна виктимизација, ги спречува да бараат заштита на своите права по институционален пат. Како дополнителна активност, во месец јули, нашите теренски работници, лидери во заедницата во соработка со нашите партнери, односнот правна советничка од ХОПС, спроведуваат посети на терен на отворена и затворена сцена, со цел детектирање и документирање на случаи на дискриминација помеѓу заедницата. Оваа активност, исто така придонесува кон зајакнување на довербата на сексуалните работници во механизмите за заштита од дискриминација.

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Охрабрени сексуални работници против дискриминација“ кој има за цел да го зајакне граѓанскиот одговор со кој се промовираат и унапредуваат принципите на недискриминација и еднаквост на човековите права на сексуалните работници. Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а финансиран од Европската унија.

Tags: , ,