17-ти декември – Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници – 2024

Денес, го одбележуваме 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.

Овој ден е потсетник за борбата за правата, безбедноста, и достоинство на сексуалните работници, како и за предизвиците со кои се соочува нашата заедница. Минатата година марширавме заедно под црвените чадори на 16-тиот Марш на Црвените Чадори, а оваа година патуваме низ времето со потсетник кој ги обединува нашите пораки и борбата за правда, еднаквост и почит низ годините.

Сексуалните работници се соочуваат со насилство, стигма, дискриминација и недостаток на правна заштита. Насилството, без разлика дали доаѓа од клиенти, семејството или јавните институции, често останува непријавено поради страв или недоверба. Стигмата го отежнува пристапот до здравствени и социјални услуги, додека недостатокот на правна регулација ги прави условите за работа несигурни и небезбедни.

Потсетуваме дека единствени решенија за обезбедување на достоинствено почитување на човековите права и слободи на сексуалните работници се декриминализација на сексуалната работа, која ќе овозможи правно признавање и заштита, политики засновани на човекови права и јавно здравје, кои ќе ја намалат стигмата и ќе овозможат пристап до здравствени и социјални услуги, како и обезбедување на правна рамка која ќе ги штити сексуалните работници од насилство.

Во свет каде што конзервативните вредности и стигмата го попречуваат правото на слобода и избор, сексуалните работници остануваат маргинализирани и ранливи. Но, нашата борба за признавање на сексуалната работа како легитимен труд, продолжува понатаму, бидејќи секој има право на достоинство, почит и заштита, без оглед на изборот на професија.

Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година, како ден на сеќавање и почит за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, овој ден претставува симбол на солидарност и здружување за сексуалните работници ширум светот во борбата против дискриминацијата, стигмата и насилството.

Спроведувањето на кампањата по повод обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници е поддржано од фондацијата  Red Umbrella Fund. 

Tags: , ,