По шести пат, горди на постигнувањата во изминатата 2023 година, се приклучуваме кон иницијативата за одбележување на 14-ти септември, Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници. Како прв и единствен колектив на сексуални работници во земјата и на Балканот, споделуваме за најзначајните достигнувања и успеси во својата мисија за застапување и унапредување на правата на сексуалните работници.
Со цел да одговориме на потребите на сексуалните работници, при тоа да придонесеме заедно кон остварување на правата и слободите на нашата заедница, започнавме со процес на документација на случаи на дискриминација кај сексуални работници како интервенција на заедницата која придонесе кон зајакнување на нашата колективна моќ и охрабрување и мотивација за поведување на правни процеси кои ќе донесат промени во иднина.
Нашите кампањи и јавни настапи во 2023 година беа моќни гласови на правдата и солидарноста. Нашата цел е со овие настани да ја подигнеме свеста и знаењето кај пошироката популација за потребите и проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници и да придонесеме кон зголемување на видливоста на заедницата во јавноста. На 3-ти март, со кратко видео, фокусирано на проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници како една од социјално најмаргинализираните заедници во Република Северна Македонија, особено во нивниот пристап до правда, го одбележавме Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници.
Во чест на 2-ри јуни, Меѓународниот ден на сексуалните работници, ја спроведовме јавната кампања „Месец на сексуалните работници“. Како дел од оваа кампања, организиравме три јавни настани насловени „Жива библиотека со сексуални работници“, кои се одржаа во три различни региони од земјата. Настаните беа посетени од околу 40 лица од општата популација, кои имаа можност директно да ги слушнат приказните и искуствата на сексуалните работници.
На 17-ти декември, заедно со нашите партнери ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, го одржавме 16-тиот Марш на црвените чадори, носејќи ја нашата порака за видливост и еднаквост низ улиците на Скопје. Оваа кампања, насловена 5353 денови до правда ја посветивме на победата и конечната правда за сексуалните работници по пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот Д.Х. и други против Северна Македонија, случај на полициско насилство и кршење на приватноста од 2008 година.
Во 2023 година, успеавме да обезбедиме финансиска поддршка со цел унапредување на дигиталните права и безбедноста на заедницата, а особено сме горди што успеавме да отвориме нови можности за жените во социјален ризик. Ова претставува чекор напред кој ќе им помогне во остварување на кариерните цели и соништа, создавајќи подобра иднина за себе и своите семејства. Со создавање на услови и можности за едукација со цел интегрирање на маргинализираните жени на пазарот на трудот продолжуваме во остварувањето на нашата визија за делување во 2024 година.
Иницијативата за одбележување на Меѓународниот ден на гордоста на сексуалните работници, прв пат одбележан во 2019 година, е покрената од страна на NSWP (The Global Network of Sex Work Projects). Овој значаен ден има за цел да го слави самоопределувањето и зголемената видливост на заедницата на сексуалните работници и да ги покаже сите достигнувања на меѓународните организации предводени од сексуални работници во изминатата година.