Лила Милиќ е годинешната добитничка на престижната државна награда „Мето Јовановски“

Лила Милиќ, претседателка на СТАР-СТАР Скопје и ко-основачка на ТрансФормА е годинешната добитничка на престижната државна награда „Мето Јовановски“ заедно со „Центарот за граѓански комуникации“ (ЦГК) од Скопје, што претставува највисоко признание за нејзините долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

Лила Милиќ е долгогодишна активистка за правата на сексуалните работници, која неуморно се бори против стигмата и дискриминацијата со кои се соочува оваа маргинализирана заедница. Со својата посветеност и храброст, таа е дел од движењето за заштита и унапредување на нивните права. Во 2017 година, нејзиниот активизам се проширува со приклучување кон транс-движењето, каде што станува еден од најгласните говорници за правата на трансродовите лица. Во 2019 година, во организација на ТрансФормА, за првпат на скопските улици се одржа Марш за видливост, на кој излегоа педесет трансродови лица, чекорејќи заедно со нивните поддржувачи. Овој настан претставуваше значаен чекор во борбата за еднаквост и видливост на трансродовите лица во нашето општество.

Свеченото доделување на наградата „Мето Јовановски“ ќе се одржи на 10 декември (вторник) во 10 часот во Собранието на Република Северна Македонија. Наградата ја доделува Министерството за култура, како признание за извонредни достигнувања во областа на човековите права.

Честитки за Лила Милиќ за ова заслужено признание! Ние, во СТАР-СТАР Скопје, сме неизмерно горди што имаме лидерка која со својата истрајност и посветеност ја продолжува борбата за правата на најранливите и најмаргинализираните во нашето општество.

Tags: , ,