ЈАВЕН ПОВИК за избор на експерт за развој на извештај од областа на социјалната заштита

Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје на ден 13.03.2023 година, објавува Јавен повик за избор на експерт за развој на извештај од анализа на недостатоците во системот на социјална заштита кои влијаат на пристапот кај сексуалните работници.

ВОВЕД

Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје е граѓанска, непартиска и непрофитна организација, колективно предводена од сексуални работници и претставува прв и единствен колектив од таков облик кај нас. СТАР-СТАР се залага за свет без насилство во кој жените, трансродовите и мажите сексуални работници вклучени во доброволната сексуална работа слободно живеат и работат, а почитувањето на нивните основни човекови права и слободи, се водечки принципи на демократско и праведно општество. При тоа, СТАР-СТАР ги мобилизира сексуалните работници за нивно активно учество во процесите на креирање политики и пракси кои ја третираат сексуалната работа.

Оваа активност се спроведува во рамки на стратешките програмски определби на организацијата согласно Стратешкиот план за периодот 2022-2025, со цел да се зголеми грижата и поддршката за сексуалните работници во пристапот до социјална и правна заштита. Овие стратешки активности се реализираат со поддршка од фондацијата Red Umbrella Fund.

ОПИС НА ЕКСПЕРТСКИТЕ УСЛУГИ

Експертот треба да развие и испорача извештај од анализа на недостатоците во системот на социјална заштита кои влијаат на пристапот кај сексуалните работници врз основа на податоци прибрани во 2022 година помеѓу заедницата на сексуални работници. Прибирањето на податоците се спроведуваше преку истражување базирано на структуриран прашалник и деск истражување на секундарни извори на податоци и информации.

Целите на оваа анализа се:

  1. Да ги документира главните проблеми и бариери со кои се соочуваат сексуалните работници во пристапот до социјалната заштита, како и да ги мапира главните приоритети за намалување на бариерите во пристапот согласно потребите на сексуалните работници; и
  2. Да понуди конкретни насоки и препораки за унапредување на системот преку кој сексуалните работници ги остваруваат правата од социјална заштита.

РАБОТНИ ЗАДАЧИ НА ЕКСПЕРТОТ

  • Да направи анализа на квантитативните и квалитативните податоци од спроведеното истражување во 2022;
  • Да спроведе деск истражување на секундарни извори на податоци и информации;
  • Да изготви и испорача наративен извештај од анализата, вклучувајќи заклучоци и препораки кои ќе се темелат на наодите од деск истражувањето и истражувањето спроведено помеѓу заедницата во 2022 година.

Експертот за развој на извештајот, работниот ангажман ќе го извршува во соработка со Програмскиот раководител на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР, а по потреба и со останати лица ангажирани во организацијата.

ИНФОРМАЦИИ ЗА АНГАЖМАНОТ

За работниот ангажман е предвиден еднократен хонорарен надомест во БРУТО износ од 340 евра во денарска противвредност по курс утврден по прием на средствата од страна на донаторот, а врз основа на авторски договор за експертски услуги.

Краен рок за спроведување на работниот ангажман е 30.04.2023 година.

КВАЛИФИКАЦИИ И КРЕТИРИУМИ ЗА ИЗБОР

Експертот треба да ги поседува следниве квалификации и вештини:

  • Искуство како истражувач во областа на социјалните политики и други сродни дисциплини или во доменот на правата на маргинализираните заедници;
  • Општо познавање на правната рамка за социјална заштита во Република Северна Македонија;
  • Способности за планирање, организација и навремено исполнување на зададените задачи.

Предност ќе имаат кандидатите со:

  • Претходно искуство во развој на слични извештаи;
  • Искуство или познавања од областа на правата на сексуалните работници или останати маргинализирани заедници во во Република Северна Македонија.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

  • Кратко писмо за интерес кое вклучува:

– опис на искуството, квалификациите и вештините потребни за ангажманот

– кратка предлог методологија со временска рамка за развој на извештајот

-линк до најмалку едно спроведено публикувано истражување кое го носи името на   авторот/апликантот од иста или слична област на истражување

НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ

Документите со назнака на пораката Јавен повик за експерт за развој на извештај да се достават на двете електронски пошти: star.contact@yahoo.com и micov@starsexwork.org најдоцна до 20.03.2023 година до 16:00 часот. Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани. Сите апликанти ќе бидат известени за резултатите од селекцијата за ангажирање на експерт по електронски пат најдоцна до 23.03.2023 година до крајот на работниот ден.

Со кликнување на овој линк можете да го прочитате Jавниот повик за избор на експерт за развој на извештај од областа на социјалната заштита во оригиналната форма.

Tags: , , ,