ЈАВЕН ПОВИК ЗА ИЗБОР НА ЕКСПЕРТ ЗА ПРАВНА АНАЛИЗА

Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје на ден 12.10.2023 година, објавува Јавен повик за избор на експерт за анализа на правната рамка во Република Северна Македонија во однос на дигиталната безбедност и правата на маргинализираните заедници, со фокус на сексуалните работници.

ВОВЕД

Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје е граѓанска, непартиска и непрофитна организација, колективно предводена од сексуални работници и претставува прв и единствен колектив од таков облик кај нас. СТАР-СТАР се залага за свет без насилство во кој жените, трансродовите и мажите сексуални работници вклучени во доброволната сексуална работа слободно живеат и работат, а почитувањето на нивните основни човекови права и слободи, се водечки принципи на демократско и праведно општество. При тоа, СТАР-СТАР ги мобилизира сексуалните работници за нивно активно учество во процесите на креирање политики и пракси кои ја третираат сексуалната работа.

Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Отпорноста на сексуалните работници во дигиталната ера“ со цел да се зајакнат организациските и капацитетите на сексуалните работници за справување со дигиталните закани врз човековите права, со поддршка од фондацијата Hivos преку грантовиот механизам Digital Defenders Partnership (DDP).

ОПИС НА ЕКСПЕРТСКИТЕ УСЛУГИ

Избраниот експерт треба да развие и испорача извештај од анализата на правната рамка во Република Северна Македонија која се однесува на заштитата на правата на маргинализираните заедници во дигиталната ера, со фокус на сексуалните работници.

Човековите права еднакво важат и на интернет, како и во физичкиот простор. Дигиталните технологии отворија многу нови и интересни начини за истражување на идеи, размена на информации, здружување, протести и други активности на слободните граѓани, кои се наоѓаат под универзална заштита како основни права на сите луѓе без разлика на потеклото, статусот и останатите разлики. Истовремено, дигитализацијата на секојдневните активности и комуникации овозможи и развој на средства за злоупотреба и прекршување на правата. Намерно или ненамерно, различни актери како што се државите, корпорациите, политичките и другите организации често се виновни за цензурата на интернетот, нарушувањето на приватноста на граѓаните и дискриминацијата по различни основи.

Затоа, целите на оваа анализа се:

  1. Да направи преглед и анализа на правната рамка во Република Северна Македонија која се однесува на заштитата и безбедноста на човековите права во дигиталниот простор за маргинализираните заедници, со фокус на сексуалните работници;
  2. Да понуди препораки за унапредување на правата и дигиталната безбедност на маргинализираните заедници и сексуалните работници во Република Северна Македонија.

РАБОТНИ ЗАДАЧИ НА ЕКСПЕРТОТ

  1. Да спроведе квалитативна анализа на правната рамка која се однесува на заштита и безбедност на човековите права на маргинализираните заедници, со фокус на правата на сексуалните работници во дигиталниот простор и
  2. Да изготви и испорача наративен извештај кој ќе вклучува заклучоци и препораки кои ќе се темелат на наодите од правната анализа.

Избраниот експерт работниот ангажман ќе го извршува во блиска соработка со лице назначено како претставник на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР, а по потреба и со останатите ангажирани лица во организацијата.

ИНФОРМАЦИИ ЗА АНГАЖМАНОТ

За работниот ангажман е предвиден еднократен хонорарен надомест во БРУТО износ од 900 долари во денарска противвредност по курс утврден по прием на средствата од страна на донаторот, а врз основа на авторски договор за експертски услуги.

Краен рок за спроведување на работниот ангажман е 30.11.2023 година.

КВАЛИФИКАЦИИ И КРЕТИРИУМИ ЗА ИЗБОР

Експертот треба да ги поседува следниве квалификации и вештини:

  • Завршено образование од областа на општествените науки или во полето на дигиталната безбедност;
  • Повеќегодишно искуство во заштитата на човековите права и маргинализираните заедници;
  • Претходно искуство во спроведување на слични анализи;
  • Детално познавање на правната рамка во Република Северна Македонија;
  • Способности за планирање, организација и навремено исполнување на зададените задачи.

Предност ќе имаат кандидатите со:

  • Искуство или познавања од областа на правата на сексуалните работници или останати слични маргинализирани заедници во Република Северна Македонија.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

  • Кратко писмо за интерес кое вклучува:

–  Опис на искуството, квалификациите и вештините потребни за ангажманот и

– Кратка предлог методологија со временска рамка за спроведување на анализата.

НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ

Документите со назнака на пораката Јавен повик за избор на експерт за правна анализа да се достават на електронската пошта: star.contact@yahoo.com најдоцна до 18.10.2023 година до 16:00 часот (Рокот е продолжен до 25.10.2023 до 16:00 часот). Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани. Сите апликанти ќе бидат известени за резултатите од селекцијата за ангажирање на експерт по електронски пат најдоцна до 20.10.2023 година (27.10.2023 година) до крајот на работниот ден.

Со кликнување на овој линк можете да го прочитате Jавниот повик за избор на експерт за правна анализа.

Tags: , ,