Пристапот до социјалните и здравствени услуги за сексуалните работници е сложено и повеќеслојно прашање кое значително се разликува во различни региони и земји. Важно е да се потенцира дека генерално, сексуалната работа е спорна тема за која има различни законски рамки и општествени ставови, кои директно влијаат на достапноста и пристапноста на социјалните, здравствените и правните услуги за лицата вклучени во доброволната сексуална работа.
Во правните регулативи на Република Северна Македонија, изведувањето сексуална работа на јавен простор, односно оддавање на проституција е нарушување на јавниот ред и мир, додека посредувањето во проституција како подведување, охрабрување, заработување од обезбедување на сексуални услуги се третираат и казнуваат како кривични дела.
Дополнително, сексуалните работници често доживуваат стигма и дискриминација во јавниот дискурс, што создадава бариери за пристап до социјалните и здравствените услуги. Негативните стереотипи и јавната осуда доведуваат до маргинализација на сексуалните работници, поради што тие потешко бараат и добиваат поддршка. Стравот од осудување ги обесхрабрува поединците да се обратат до давателите на услуги за помош и поддршка. Во некои случаи, специјализираните организации и граѓанските организации се грижат за потребите на сексуалните работници и обезбедуваат мрежи за поддршка, но нивната достапност и дофат може значително да се разликуваат. Сексуалните работници често бараат и услуги за советување за да се справат со прашања како што се менталното здравје, злоупотребата на супстанции и насилството. Сепак, поради маргинализираната природа на сексуалната работа, овие услуги може да бидат ограничени или недостапни.
Оваа анализа ќе се обиде да ги претстави состојбите во социјалната, здравствената и правната рамка во Република Северна Македонија, а преку анализа на искуствата на заедницата на сексуални работници, објективно ќе ја согледа и нивната имплементација. Од содржината на оваа анализа, ќе произлезат и националните приоритети кон целосно остварување и заштита на правата на сексуалните работници.
Издавањето на оваа публикација е во рамки на стратешките програмски активности на организацијата согласно Стратешкиот план за периодот 2022-2025, преку проектот Национална имплементација на Глобалната рамка за социјална заштита и сексуално и репродуктивно здравје и права, со цел да се подобри грижата и поддршката за сексуалните работници во пристапот до социјална, здравствена и правна заштита. Овие активности се реализираат со финансиска поддршка од регионалната мрежа SWAN – Sex Workers Rights Advocacy Network. Ставовите и содржината изнесени во публикацијата се единствена одговорност на авторите.
Извештајот од истражувањето е достапно на македонски и англиски јазик и во целост може да се прочита/преземе на следниве линкови: